„Страв и надеж“ вечерва во МНТ: претставата што го освои „Војдан Чернодрински“ се враќа на сцена

Претставата во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, инспирирана од драмскиот опус на Франц Ксавер Крец, отвора прашања за стравот, осаменоста, надежта и човековата ранливост во современиот свет.

Претставата „Страв и надеж“, која на јубилејното издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ беше прогласена за најдобра претстава, вечерва повторно ќе биде изведена на сцената на Македонскиот народен театар.

Изведбата е закажана за 20 часот, а режијата е на Татјана Мандиќ Ригонат. Претставата е инспирирана од драмскиот опус на Франц Ксавер Крец и отвора прашања што силно одекнуваат во денешниот свет.

Иако тематски се надоврзува на Орвеловата „1984“, „Страв и надеж“ е сместена во современ контекст, во време обележано со конфликти, егзистенцијална несигурност и распаѓање на хуманистичките вредности.

Низ петнаесет сцени, претставата ги следи пресудните мигови од животот на ликовите, нивните стравови, осамености, љубови и внатрешни судири. Од хумор до трагедија, на сцената се отвораат прашања за човековата ранливост, отпорот и потребата да се преживее во општество што сè почесто го притиска поединецот.

Во актерската екипа настапуваат Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Музичкиот дел го реализираат Зоран Станишиќ како корепетитор и пијано, Стефан Котевски како музички координатор и виолинист, Никола Соколовски на кларинет и Милена Наумовска на кахон.

По признанието на „Војдан Чернодрински“, новата изведба во МНТ е можност публиката повторно да ја види претставата која преку стравот, надежта и кревкоста на човекот зборува за времето во кое живееме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс