Нацрт-националната стратегија за туризам за периодот 2027–2032 предвидува мерки со кои би се продолжил просечниот престој на туристите, би се развила понуда во повеќе региони и би се привлекувале посетители во текот на целата година. Документот беше претставен на 26 ноември на јавна расправа во Музејот на македонската борба во Скопје, во завршната фаза од консултациите.
Што предвидува нацрт-стратегијата за туризам
Професорот Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид рече дека посетите се концентрирани пред сè во Охрид и Скопје и во ограничен дел од годината. За туристите да остануваат подолго и да посетуваат повеќе места, според него, потребна е поквалитетна понуда што може полесно да се резервира. Меѓу проблемите што биле посочени на регионалните работилници ги издвои чистотата, пристапот до дестинациите и поврзаноста меѓу нив.
Нацртот е изработен врз основа на теренски истражувања, работилници во сите осум плански региони и анкети со домашни и странски туристи. Документот опфаќа четири области: развој и подобра продажба на туристичката понуда, подобрување на условите во дестинациите, поддршка за вработените и бизнисите и поефикасно управување со секторот.
Во првите две години се предлага тестирање на три типа туристички организации. Резултатите од пилот-проектите би се користеле при подготовката на следниот акциски план. Нацртот предвидува и анализи на туристичката побарувачка врз чија основа до Министерството за транспорт би се доставувале предлози за нови авиолинии.
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани рече дека подолгиот престој и посетите во повеќе региони треба да донесат поголема корист за локалните бизниси и заедници. За спроведувањето, посочи тој, ќе биде потребна соработка меѓу институциите, општините и приватниот сектор. Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер најави продолжување на поддршката за подобра координација во секторот и развој на интегриран електронски систем за туризам.
