Во сопствен дом живеат 92,7 отсто од домаќинствата во Македонија

Во Европската Унија, 68 отсто од жителите живеат во дом што е во сопственост на нивното домаќинство. Македонскиот податок е за 2024 година и се однесува на домаќинства, додека европскиот е за 2025 година и се однесува на жители

Во сопствен дом живееле 92,7 отсто од домаќинствата во Македонија во 2024 година, покажува Анкетата за потрошувачката на домаќинствата на Државниот завод за статистика.

Во Европската Унија, според податоците што Евростат ги објави на 26 ноември, 68 отсто од населението во 2025 година живеело во дом во сопственост на домаќинството, а 32 отсто живееле под кирија.

Колку луѓе живеат во сопствен дом?

Македонската анкета го брои секое домаќинство како една единица, без оглед на бројот на членови. Евростат го мери уделот на луѓето што живеат во дом во сопственост на нивното домаќинство. Според податокот на Евростат за Македонија што го пренесува „Независен весник“, во 2024 година во таков дом живееле 87 отсто од жителите.

Според домашната анкета, 5,1 отсто од домаќинствата живееле кај родители, деца или други роднини. Цело приватно живеалиште изнајмувале 1,2 отсто, дел од приватно живеалиште користеле 0,5 отсто, а 0,3 отсто живееле во државен стан.

Во ЕУ, Словачка имала најголем удел на жители во сопствен дом, 94 отсто. На другиот крај е Германија со 47 отсто, каде што мнозинството од населението живеело под кирија.


Колкав дел од приходите оди за домување?

Домаќинствата во ЕУ во 2025 година во просек издвојувале околу 19 отсто од расположливиот доход за домување. Најголем удел имала Грција, околу 35 отсто, а најмал Кипар, околу 11 отсто. Тој показател мери колкав дел од приходите одат за домување и дава дополнителен контекст за тоа колку е достапно живеењето во стан или куќа

е-Трн да боцка во твојот инбокс