Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2026 година ќе им биде врачена на четворица добитници на 8 декември во Собранието. Одборот за доделување на наградата ја донел одлуката на седницата одржана на 28 октомври, соопшти неговиот претседател, проф. д-р Драги Митревски.
Кои се добитниците на наградата „Св. Климент Охридски“
Во областа на воспитанието и образованието, признанието го добиваат проф. д-р Ицко Ѓоргоски, биолог, проф. д-р Виолета Ачкоска, историчарка, и проф. д-р Али Пајазити, универзитетски професор.
Во областа на културата и уметноста, наградата му се доделува на проф. м-р Јован Шумковски, ликовен уметник.
„Св. Климент Охридски“ е највисоко државно признание за долгогодишни остварувања во воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на животната средина и социјалната дејност од јавен интерес. Годинава наградата е доделена во две области.
Свеченото врачување е закажано за вторник, 8 декември, во 11 часот, во Свечената сала на Собранието на Република Северна Македонија.
