Три месеци без седница за законските измени за заштита на жените, Гаши и натаму чека барање

Измените за заштита од насилство врз жените и семејно насилство се поднесени по скратена постапка на 26 август и сè уште не се ставени на пленарен дневен ред. Откако Мрежата за заштита од дискриминација побара одговор за застојот, Гаши рече дека за измените чека мислење од Владата, а за итна седница формално барање од опозицијата.

По реакциите на граѓанските организации и обвинувањата дека Собранието ги одложува измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, собранискиот спикер Африм Гаши денеска изјави дека е подготвен веднаш да свика итна седница. Тој тврди дека сè уште чека мислење од Владата за законските измени, а за одржување на посебната седница очекува формално барање од опозицијата.

Изјавата на Гаши доаѓа еден ден по масовниот протест против насилството врз жените, одржан на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

„Сè уште немаме доставено такво барање до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме“, изјави Гаши на редовната средба со новинарите.

Тој објасни дека законските измени, кои веќе се во собраниска процедура, се испратени на мислење до Владата и дека нивното разгледување ќе продолжи откако ќе пристигне одговор од извршната власт.

На новинарско прашање дали на седницата за пратенички прашања ќе го потсети премиерот Христијан Мицкоски дека Владата треба да достави мислење, Гаши рече дека станува збор за чувствително прашање за кое е потребно заедничко дејствување.

„Мислам дека сакаат тоа што побргу да се донесе и да се намали насилството врз жените и воопшто да го нема, ако може. Но тоа ќе биде борба која ќе треба сите да ја извојуваме заедно“, рече Гаши.

Неговата изјава доаѓа по реакциите на Мрежата за заштита од дискриминација, која преку јавна кампања под наслов „Ѕид на срамот“ почна да ги прозива носителите на јавни функции за нивната одговорност во спречувањето на насилството врз жените. Прв на листата се најде токму претседателот на Собранието, од кого организацијата бара одговори за тримесечното одложување на законските измени.

Измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство биле поднесени во Собранието на 26 август 2026 година, по итна, односно скратена постапка. И покрај тоа, три месеци подоцна тие сè уште не се најдени на дневен ред на пленарна седница.

Од Мрежата за заштита од дискриминација прашуваат зошто Собранието не постапува со истата итност кога станува збор за заштитата на животите на жените, како што тоа го прави за други законски решенија.

„Зошто за уназадување на правата има итност, а за заштита на животите на жените – нема? Кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред? Кога ќе бидат усвоени заклучоците од надзорната расправа?“, прашуваат од организацијата.

Од Мрежата посочуваат дека во 2026 година во земјава се регистрирани седум фемициди, а според податоците што ги објавиле, Македонија е трета држава во Европа според стапката на фемициди.

Организацијата го отвори и прашањето за спроведувањето на заклучоците од јавната надзорна расправа за заштита на жените од насилство, одржана во април годинава, по случајот во кој животите ги загубија Ивана и Катја. Седум месеци по расправата, Собранието сè уште нема усвоено заклучоци со конкретни мерки, рокови и утврдени одговорности за институциите.

Во рамките на кампањата „Ѕид на срамот“, Мрежата најави дека во наредните денови ќе упатува јавни прашања и до други функционери чии надлежности се поврзани со превенцијата на насилството и заштитата на жените.

Од организацијата потсетуваат и на Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2025 година, во кој се констатира дека нема значаен напредок во областа на родовата еднаквост. Како една од причините за ваквата состојба се посочени и антиродовите наративи.

Покрај одложувањето на законските измени, Мрежата бара и политичка одговорност од собранискиот спикер, како и конкретни одговори за тоа кога парламентот ќе ги преземе обврските за кои веќе расправал.

Според информациите објавени за предложените законски измени, меѓу предвидените решенија се и итно отстранување на насилникот од домот и проширување на полициските овластувања. За потребата од вакви мерки претходно зборуваше и министерот за внатрешни работи.

На итно донесување на законските измени повика и пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев. Тој изјави дека, како претседател на постојаната Анкетна комисија за слободите и правата, е подготвен да им помогне на граѓанското движење „Ниту една повеќе“, Мрежата за заштита од дискриминација и другите организации што се борат против насилството врз жените.

Сега останува да се види кога Владата ќе го достави мислењето за законските измени, но и кога опозицијата формално ќе го поднесе барањето за итна собраниска седница. Дотогаш, предложените измени и заклучоците од надзорната расправа остануваат без завршена собраниска постапка.


извор: мета.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс