Кликбејтот се врти против медиумите – младите ги избегнуваат сензационалистичките наслови

„Нема да верувате што се случило“, „Ова мора да го видите“ или „Светот е во шок“ се формулации со кои медиумите со години се обидуваат да привлечат поголем број читатели. Но, ново научно истражување покажува дека ваквата стратегија може да има спротивен ефект, особено кај младата публика.
Фото: United Nations/Flickr

Истражувањето, објавено во научното списание „PLOS One“, го анализира односот на младите кон сензационалистички обликуваните објави на социјалните мрежи.

Наодите покажуваат дека младите изразуваат помала подготвеност да комуницираат со ваквите содржини, дури и кога тие пренесуваат точни информации.

Истражувачите од британскиот Универзитет Нортамбрија го нарекуваат овој феномен парадокс на кликбејтот.

Проблемот е што веродостојната новинарска содржина, кога е претставена со сензационалистички наслов, може да предизвика слична реакција како и сомнителните информации.

За читателот кој секојдневно поминува низ стотици објави, начинот на кој е напишан насловот може да стане сигнал за тоа дали вреди да му посвети внимание на текстот.

Истражувањето не докажува дека кликбејтот престанал да носи кликови. Но, покажува дека неговата ефикасност не треба да се подразбира, особено кога медиумите се обидуваат да допрат до помладата публика.

Генерација која се информира со скролање

За разлика од генерациите кои го започнуваа денот со весник или телевизиски вести, голем дел од младите денес се информираат преку социјалните мрежи.

Честопати нивниот контакт со веста завршува со читање на насловот и гледање на фотографијата. Во меѓународната литература ваквата навика е позната како „news snacking“, односно консумирање информации во мали, брзи фрагменти.

Во таква средина медиумите не се натпреваруваат само меѓу себе. Тие се натпреваруваат со забавни видеа, инфлуенсери, реклами и приватни објави за неколку секунди од вниманието на корисниците.

Но, токму агресивната борба за внимание може да го намали кредибилитетот на новинарската содржина.

Дали медиумите ја жртвуваат довербата за еден клик?

За македонскиот медиумски простор ова истражување отвора особено важно прашање. Во услови на силна конкуренција, ограничени приходи од рекламирање и зависност од алгоритмите на глобалните платформи, медиумите се под постојан притисок да создаваат што повеќе посети.

Сепак, постои разлика меѓу привлечен и манипулативен наслов. Првиот го буди интересот на читателот, а вториот ветува нешто што текстот можеби воопшто не го исполнува.

Медиум кој постојано го разочарува читателот може да добие една посета, но да ја изгуби неговата доверба на подолг рок.


Наодите од новото истражување се потсетник дека во ера на вештачка интелигенција, дезинформации и огромно количество дигитални содржини, кредибилитетот може да биде повреден од моменталната посетеност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс