Компанијата „Еуро-Екопак“, во соработка со Детскиот ликовен центар, и годинава ги поврза уметноста и еколошката едукација преку традиционалната меѓународна изложба „Творење и креирање на дела од отпад од пакување“.
Изложбата беше отворена вчера, 25 ноември, во холот на Општина Карпош, а посетителите ќе можат да ја погледнат до петок, 27 ноември по што од 30 ноември ќе биде поставена во трговскиот центар „Сити мол“. На неа се претставени творби на ученици од основни училишта од цела Македонија, како и на нивни врсници од Чачак, Србија, и од Цетиње и Тиват, Црна Гора.
Преку оваа иницијатива, „Еуро-Екопак“, колективен постапувач со отпад од пакување, повторно им дава простор на децата и младите да ја изразат својата креативност и истовремено да учат за одговорното постапување со отпадот и негова повторна употреба. Претворајќи го отпадот од пакување во уметнички дела, учесниците покажаа како материјалите што ја исполниле својата основна намена можат повторно да се искористат.
За креативноста и вложениот труд беа доделени четири награди. Гран при наградата за групно дело, придружена со вредносен ваучер од 10.000 денари, ја освои ООУ „Костадин Рацин“ од село Брвеница. Првата награда, со вредносен ваучер од 7.000 денари, му припадна на Анес Беровиќ од ООУ „Алија Изетбеговиќ“ од село Батинци. Втората награда, со вредносен ваучер од 5.000 денари, ја доби Максим Антиќ од ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово, додека бронзената награда, со вредносен ваучер од 3.000 денари, ја доби ООУ „Братство-Единство“ од Охрид.
– Оваа изложба веќе е традиција што ја негуваме заедно со Детскиот ликовен центар, учениците и нивните наставници/ментори. Секоја творба покажува колку идеи можат да произлезат од материјали што вообичаено ги сметаме за отпад. За нас е важно младите преку вакви искуства да ја разберат вредноста на реупотребата и да развиваат навики за правилно селектирање и одговорно постапување со отпадот од пакување. Токму затоа продолжуваме да ја поддржуваме нивната креативност и да создаваме можности за учење преку уметност. Им честитам на наградените и им благодарам на сите учесници и ментори што и годинава ја исполнија изложбата со идеи и пораки за почиста животна средина – вели Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“.
Покрај можноста за уметничко изразување, конкурсот и изложбата отвораат простор за разговор за секојдневните еколошки навики – од намалување на отпадот и повторна употреба на материјалите, до правилна селекција на отпадот од пакување. Меѓународното учество овозможува и размена на идеи и искуства, обединувајќи ги младите околу заедничката грижа за животната средина.
Со континуираната реализација на овој настан, „Еуро-Екопак“ и Детскиот ликовен центар ја потврдуваат својата посветеност на еколошката едукација на младите. Изложбата е пример за тоа како соработката меѓу компаниите, образовните установи и институциите може да им помогне на децата да стекнат знаења и навики што ќе ги применуваат во секојдневието, придонесувајќи за поодговорен однос кон животната средина.
