(Видео) Страшен земјотрес ја погоди Кина, над 7.000 лица евакуирани

Во регионот Гуангси се урнаа 13 згради, спасувачките екипи трагаат по исчезнато лице, а властите предупредуваат на можни прекини во сообраќајот.

Земјотрес со магнитуда од 5,2 степени го погоди југозападниот кинески регион Гуангси рано утрово, при што загинаа најмалку две лица, а повеќе од 7.000 жители на градот Лиужоу биле евакуирани. Спасувачките екипи сè уште трагаат по едно исчезнато лице.

Според кинеските државни медиуми, земјотресот се случил во 00:21 часот по локално време во округот Лиунан, во градот Лиужоу. Епицентарот бил регистриран на длабочина од осум километри.

Во погоденото подрачје се урнале 13 згради, а четири лица биле пренесени во болница. Според првичните информации, нивните повреди не се опасни по живот. На терен се распоредени спасувачки, противпожарни и полициски екипи, додека локалните власти активирале вонреден одговор за справување со последиците од земјотресот.

Кинеските власти предупредија и на можни нарушувања во железничкиот сообраќај, додека се проверува состојбата на инфраструктурата. Државните медиуми јавуваат дека комуникациите, електричната енергија, водоснабдувањето, гасната мрежа и сообраќајот во погодената област засега функционираат нормално.

е-Трн да боцка во твојот инбокс