Хрватска со нов правилник воведува задолжителни стандарди за сместување на странските работници: најмалку 14 квадратни метри по лице, ограничување на кирија на 30 отсто од нето-платата и задолжителни здравствени прегледи. Македонските државјани, кои се меѓу петте најбројни групи странски работници во земјата, директно се опфатени со новите правила.
Правилникот стапува на сила осум дена по објавувањето во Службен весник
Хрватското Министерство за внатрешни работи го објави новиот Правилник за престој на странски работници, кој стапува во сила осум дена по објавувањето во Народни новини. Државната секретарка во хрватското МВР, Ирена Петријевчанин, потврди дека во текот на 2026 година најмногу работни дозволи добиле државјаните на Босна и Херцеговина, а веднаш по нив следуваат работниците од Филипините, Непал, Србија и Северна Македонија. Во Хрватска во моментов престојуваат над 105.000 странци со важечки дозволи.
Работодавачот мора да обезбеди функционален простор со одвоени простории
Правилникот детално ги пропишува минималните услови за сместување. Работодавачите се обврзани да обезбедат најмалку 14 квадратни метри за еден работник, а за секое следно лице површината мора да се зголеми за дополнителни шест квадрати. Во куќите е поставен лимит од најмногу десет работници на секои 150 квадрати, додека во стан од 56 квадратни метри можат да престојуваат најмногу осум лица. Просторот мора да располага со функционални електрични и водоводни инсталации, соодветен санитарен јазол и целосно одвоени простории за спиење и за подготовка на храна.
Кирија над 30 отсто од платата е забранета, потребна документација
За да се спречи неоснованото намалување на заработката, правилникот пропишува дека кирија за сместување обезбедено од работодавачот не смее да надминува 30 отсто од нето-платата на работникот. Износот не смее автоматски да се запира без јасна документација и оверен договор за закуп. Со новиот образец „17а”, работодавачите под кривична и материјална одговорност ја потврдуваат точноста на податоците за условите во кои престојува работникот.
Здравствен преглед задолжителен уште при prvото барање за дозвола
Нов услов е и задолжителниот здравствен преглед при prvото поднесување барање за дозвола за престој и работа. Работниците мора да достават доказ за статус на вакцинација и општа здравствена состојба, издаден во жупаниските заводи за јавно здравство или во Хрватскиот завод за јавно здравство. Потврдата се издава на новиот образец „18а” и е задолжителна дури и за работници кои планираат престој пократок од три години.
Над 10.000 неправилности во угостителството и градежништвото ги забрзаа реформите
Донесувањето на правилникот следува по засилени инспекциски надзори во кои беа откривани неправилности, претежно во угостителскиот и градежниот сектор, каде биле наплатени милионски казни за непријавена работа и непочитување на заштитата при работа. Најголем дел од дозволите во Хрватска се издаваат токму за овие два сектора, а законските измени предвидуваат дозволите да важат три години, со право на работа од девет месеци во континуитет.