Сто дена од иранската војна: Новата размена на напади го зголемува ризикот од поширок конфликт

Израел и Иран повторно разменија напади на 100-тиот ден од војната. Расте стравот од нова ескалација и поширок конфликт на Блискиот Исток.

Тензиите на Блискиот Исток повторно се зголемуваат откако Израел соопшти дека Иран лансирал ракети само неколку часа по израелските воздушни напади врз цели во централниот и западниот дел на Иран. Најновата ескалација предизвикува стравувања дека регионот би можел повторно да биде вовлечен во поширок вооружен конфликт.

Во централниот дел на Израел се огласија сирени за воздушна опасност, а граѓаните беа повикани да се засолнат. Израелската противвоздушна одбрана интервенираше за пресретнување на проектилите, додека експлозии беа регистрирани во повеќе области.

Денес се одбележуваат 100 дена од почетокот на иранската војна, која започна на 28 февруари по ликвидацијата на врвниот ирански лидер ајатолахот Али Хамнеи и други високи функционери во операција на Израел и САД. Иако на 8 април беше постигнато примирје, конфликтот никогаш целосно не заврши поради блокадата на Ормускиот Теснец и продолжените судири меѓу Израел и либански Хезболах.

Иранските медиуми објавија дека експлозии биле слушнати во Исфахан, Караџ, Табриз и Техеран. По нападите, властите го затворија воздушниот простор околу меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“, најголемиот аеродром во земјата.

Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека биле погодени воени цели поврзани со иранскиот режим. Од друга страна, Иранската револуционерна гарда тврди дека Израел користел балистички ракети лансирани од воздух за време на операцијата.

Дополнителна загриженост предизвикува и можноста за вклучување на јеменските Хути во конфликтот. Израел потврди дека ракета лансирана од Јемен била насочена кон земјата, но според спасувачките служби нема жртви или поголема материјална штета.

Напнатоста се почувствува и во Саудиска Арабија, каде што привремено беа активирани сирени во близина на воздухопловната база „Принц Султан“, каде се распоредени американски сили. Подоцна саудиските власти соопштија дека опасноста е отстранета.

Американската администрација засега не коментира дали израелските напади биле координирани со Вашингтон. Според американски извори, претседателот Доналд Трамп неодамна разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и побарал воздржаност за да се избегне натамошна ескалација на конфликтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс