Стивен Милер, новиот шеф на кабинетот на Белата куќа: „Трамп ја спаси Америка“

Еден од најконтроверзните соработници на американскиот претседател, познат како архитект на неговата остра имиграциска политика, добива нова функција во момент кога републиканците претрпеа сериозни изборни порази.

Стивен Милер, еден од најконтроверзните соработници на Доналд Трамп и архитект на неговата остра имиграциска политика, е именуван за нов шеф на кабинетот на Белата куќа. Во првите јавни изјави по објавувањето на именувањето, Милер му вети на Трамп „целосна лојалност“. Функцијата треба да ја преземе задутре.

Неговото именување доаѓа во период кога расте загриженоста дека администрацијата дополнително ќе ја заостри својата десничарска имиграциска политика, пишува „Гардијан“.

„Да не беше претседателот Трамп, Соединетите Американски Држави денес немаше да постојат“, изјави Милер синоќа на еден настан, стоејќи покрај својот шеф.

„Овој човек ја спаси Америка. Ја спаси нашата војска од колапс. Ја спаси нашата економија од уништување. Нашата граница од пропаст. Ја спаси земјата од заканите одвнатре и однадвор што засекогаш би го уништиле американскиот сон“, додаде тој.

Именувањето беше објавено откако американските гласачи на изборите оваа недела ѝ зададоа сериозен удар на Републиканската партија на Трамп. Демократите остварија низа победи во делови од земјата каде што не победиле со децении.

До утринава републиканците изгубиле седум места во Сенатот, додека демократите имаат тесно водство во две трки чии резултати сè уште не се официјално потврдени – во Алјаска и Мисисипи.

Републиканец: Ова именување е ужасна одлука

Републиканците изгубиле и 42 места во Претставничкиот дом и пет гувернерски позиции. И покрај серијата тешки порази, за кои истакнати републиканци, меѓу нив и Џеј-Ди Венс, ги обвинија војната со Иран и царините како клучни точки од програмата на Трамп, Милер вчера го пофали претседателот.

Тој изјави дека Трамп „ја спаси Републиканската партија и ја направи посилна, попопуларна и поотпорна од кога било досега“.

„Животна чест ми е да бидам шеф на кабинетот на претседателот Трамп. Ви се колнам и ви ветувам, господине претседателе, апсолутна лојалност, непоколеблива посветеност и целосна заложба за вашиот успех и за успехот на оваа земја“, рече Милер.

Се очекува говорот да ги засили стравувањата дека администрацијата на Трамп ќе продолжи со острата имиграциска политика што Милер ја водеше и на претходната функција.

Неговото именување предизвика остри реакции меѓу демократите, но и кај дел од републиканците. Марлин Штуцман, републикански пратеник од Индијана, во изјава за „Политико“ го нарече овој потег „ужасна одлука“.

„Поради него ги изгубивме латиноамериканските гласачи“

Дон Бејкон, републикански пратеник од Небраска кој заминува од функцијата, предвидува дека Милер ќе има „непријателски однос со многумина“.

„Поради него изгубивме места во Тексас и Аризона, бидејќи одби многу латиноамерикански гласачи кои гласаа за Трамп во 2024 година“, изјави Бејкон за Си-ен-ен.

Именувањето на Милер беше објавено во период кога Трамп најави дека очекува „неколку промени“ во својот тим.

„Го сакам мојот кабинет. Мислам дека се добри. Но, можеби ќе направам неколку промени. Не сакам да кажам за кого станува збор“, изјави Трамп за емисијата „60 минути“, во интервју што треба да биде емитувано утре.

Сè погласни барањата Хегсет да замине

На прашањето дали има доверба во својот министер за одбрана Пит Хегсет, чија иднина на функцијата стана неизвесна откако станаа јасни размерите на републиканските изборни загуби, Трамп одговори потврдно.

Сепак, значајно е што не му ги припиша заслугите за она што претседателот го нарече воени успеси.


Минатиот месец, по шпекулациите дека Милер би можел да ја замени Сузи Вајлс на позицијата шеф на кабинетот, Трамп беше дециден и им изјави на новинарите дека за таква промена постои „нула проценти шанса“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс