Македонското еколошко друштво ќе доделува стипендии до 400 евра месечно за матурантите од Преспа кои ќе запишат универзитетски студии по екологија, биологија, шумарски или земјоделски науки. Програмата е наменета за средношколците од овој регион и има цел да одговори на локалниот недостиг од кадар во природните науки поврзани со заштитата на природата и животната средина.
Со оваа поддршка, идните студенти ќе можат да стекнат знаење и вештини што подоцна ќе им овозможат активно да придонесат во зајакнувањето на локалните капацитети за заштита и зачувување на природата и биолошката разновидност во Преспанскиот регион. Намерата е младите од Преспа да добијат поттик своето образование да го насочат кон области што се директно важни за иднината на регионот.
Покрај финансиската поддршка, избраните студенти ќе бидат вклучени и во менторска програма на Македонското еколошко друштво, преку која ќе стекнат практично и теренско искуство во истражувањето и заштитата на видовите и живеалиштата во Преспа. На тој начин, стипендиите нема да значат само помош за студирање, туку и директно вклучување во работата на терен.
Заинтересираните средношколци и нивните родители повеќе информации за програмата, начинот на учество и критериумите за селекција можат да добијат во локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен, како и преку електронска пошта на адресите zaec@mes.org.mk и eftimovski@mes.org.mk. Кандидатите треба да го изразат својот интерес со пополнување на приложениот образец и да го испратат на наведените адреси или да го достават директно во канцеларијата во Ресен.
Програмата за стипендирање се реализира во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата се Македонското еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија, со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање и Националниот парк „Пелистер“.