Маршот во Штип беше организиран во чест на петтемина штипјани кои ги загубија животите во трагедијата, а на него, покрај граѓани од градот, учествуваа и родители и роднини на настраданите од Кочани и од други места. Иако Штип досега повеќепати оддаваше почит на плоштадот „Слобода“, ова беше првпат градот да биде дел од самиот „Марш на ангелите“.
Во име на семејствата, една од мајките на загинатите порача дека нивната борба нема да запре сè додека правдата не излезе на виделина. Родителите во маршот ги носеа фотографиите на Филип Стевановски, Александар Коларов, Дамјан Таневски, Александар Ефремов и Филип Ивановски, петтемина млади штипјани кои загинаа во пожарот.
Протестната поворка се движеше низ централните градски улици, а учесниците застанаа и пред зградите на СВР Штип и УЈП Штип. Токму таму беше испратено барањето за одговорност од службените лица во двете институции, за кои родителите сметаат дека директно или индиректно биле поврзани со случајот „Пулс“.
Семејствата јавно го поставија прашањето до институциите зошто се одложува постапката за утврдување на одговорноста што претходно била најавена. Со тоа, маршот доби и јасна порака дека за нив ова не е само чин на сеќавање, туку и продолжување на притисокот за правда.
Во меѓувреме, во близина на градскиот плоштад во Штип веќе е почнат проект за изградба на спомен-обележје во чест на загинатите. Споменикот, преку симболиката на пет гулаби, ќе потсетува на петтемина штипјани кои ги загубија животите во трагедијата во „Пулс“.