Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел ги обвини Соединетите Американски Држави дека се обидуваат да ја преземат контролата врз Куба преку, како што рече, „геноцидна политика“ на санкции и економски притисок. Изјавата ја даде за време на одбележувањето на 73-годишнината од нападот на касарната Монкада, настан што се смета за почеток на Кубанската револуција.
Според Дијас-Канел, американските санкции и долгогодишното ембарго сериозно ја влошиле економската состојба во земјата. Тој оцени дека мерките имаат цел да предизвикаат општествени немири и политички промени во согласност со интересите на Вашингтон.
Куба во моментов се соочува со сериозна енергетска криза, која предизвикува долготрајни прекини на електричната енергија, недостиг на вода и храна, како и сè почести протести. Жителите на повеќе градови излегуваат на улиците за да го изразат незадоволството поради влошените услови за живот.
Во обраќањето, кубанскиот претседател повика на национално единство и спроведување на најавените економски реформи, кои треба да овозможат постепено отворање на економијата. Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму тврди дека Куба претставува закана за националната безбедност на САД и најавува продолжување на политиката на притисок.