Ставете го ова во ВЦ-школката навечер, до утрото каменецот ќе го снема

Наслагите од тврда вода се чест проблем во бањата. Наместо веднаш да посегнете по агресивни средства, може да помогне лимонска киселина, позната како лимонтус.

Жолтеникавите и кафеавите наслаги во ВЦ-школката се чест проблем во домаќинствата, особено во подрачја каде што водата содржи поголемо количество минерали.

Иако редовно се чисти, санитарната керамика со текот на времето може да добие тврдокорни наслаги кои тешко се отстрануваат со обична четка.

Едно едноставно решение што го пренесува српскиот портал „Крстарица“ е користењето лимонска киселина, односно лимонтус, кој може да помогне во омекнувањето на каменецот.

Зошто воопшто се создава каменец?

Каменецот настанува поради таложењето минерали од водата, најчесто соединенија на калциум и магнезиум.

Со текот на времето тие создаваат тврд слој на дното на ВЦ-школката, под нејзиниот раб и на местата каде што постојано тече вода.

Овие наслаги не се само естетски проблем. Нерамните површини можат да задржуваат дополнителна нечистотија и да го отежнат одржувањето на хигиената.

Како се користи лимонтусот?

Постапката најдобро е да се направи навечер, кога тоалетот нема да се користи неколку часа.

Лимонтусот во прав се нанесува директно на местата каде што има каменец, во количество наведено во упатството на производот.

Доколку производителот дозволува, може да се додаде малку топла, но не и врела вода, за полесно растворање.

Средството се остава да дејствува во текот на ноќта.

Следното утро се пушта вода, а преостанатите наслаги се отстрануваат со четка за ВЦ-школка.

Кај старите и дебели наслаги постапката може да биде потребно да се повтори, бидејќи едно третирање не секогаш е доволно.

Важно предупредување: Не го мешајте со белило

Иако лимонската киселина често се користи за домашно чистење, неопходна е претпазливост.

Таа никогаш не треба да се меша со варикина, белило или други средства на база на хлор, бидејќи може да дојде до ослободување опасни гасови.

Ако претходно било користено друго средство, ВЦ-школката треба темелно да се исплакне пред нанесување лимонска киселина.

Се препорачува и користење заштитни ракавици, како и проветрување на бањата.

Лимонтусот може да биде корисен за редовно одржување, особено кај поновите наслаги, но многу стар и тврдокорен каменец понекогаш бара дополнително третирање.


Најдобрата превенција останува редовното чистење, пред наслагите да станат дебели и тешки за отстранување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс