Startup Revolution AI Summit препознаен како пресвртница за македонскиот стартап екосистем

Македонија бележи историски напредок во најновиот StartupBlink Global Startup Ecosystem Index 2026, искачувајќи се на 70. место во светот, со 75% годишен раст на стартап екосистемот.

Македонија бележи значаен напредок во најновиот StartupBlink Global Startup Ecosystem Index 2026, искачувајќи се за осум позиции и достигнувајќи го 70. место во светот. Со тоа, земјата е препознаена како еден од најбрзорастечките стартап екосистеми во регионот.

Според податоците на StartupBlink, македонскиот стартап екосистем остварил 75% годишен раст, што ја позиционира земјата меѓу екосистемите со најголем напредок на глобално ниво. Истовремено, Скопје за првпат влезе меѓу 500-те најдобри стартап градови во светот, пласирајќи се на 457. место.

Особено значајно е што во официјалниот извештај на StartupBlink како една од клучните пресвртници за развојот на македонскиот стартап екосистем во 2025 година е препознаен Startup Revolution AI Summit 2025, организиран од Startup Club Skopje.

Во делот посветен на екосистемските достигнувања, StartupBlink го наведува фактот дека Startup Club Skopje е домаќин на Startup Revolution AI Summit 2025, препознавајќи го настанот како значајна иницијатива за меѓународно поврзување на стартапите, инвеститорите, компаниите и иновациските организации.

Признание за Startup Club Skopje

Ова претставува едно од најголемите меѓународни признанија досега за Startup Club Skopje и за Startup Revolution AI Summit.

Во 2025 година, настанот обедини повеќе од 1.200 учесници од над 30 држави, меѓу кои стартапи, инвеститори, фондови за ризичен капитал, технолошки компании, медиуми и лидери на стартап екосистеми од регионот и пошироко.

StartupBlink го вбројува Startup Club Skopje меѓу клучните организации што го градат македонскиот стартап екосистем, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, Startup Macedonia, Swiss Entrepreneurship Program и Business Accelerator UKIM.

Во извештајот е објавена и изјава од Сашо Јовановски, претседател на Startup Club Skopje, кој посочува дека стартап екосистемот во Македонија се развива преку силна соработка во заедницата и нова генерација основачи со глобални амбиции.

„Стартап екосистемот во Македонија се развива преку силна соработка во заедницата и нова генерација основачи со глобални амбиции. Со достапен талент, сè поголеми регионални и меѓународни поврзувања и брз развој на вештини поддржани од вештачката интелигенција, основачите имаат пристап до информации и алатки за побрз развој. Иницијативите предводени од заедницата, како Startup Club Skopje и Startup Revolution AI Summit, придонесуваат за поврзување на екосистемот со глобални можности и пристап до инвестиции“, вели Јовановски.

Македонија станува повидлива на стартап мапата

Препознавањето на Startup Revolution AI Summit како официјална пресвртница во извештајот на StartupBlink е потврда дека настаните создадени во Македонија можат да имаат регионално и глобално влијание.

Истовремено, тоа е признание за долгогодишната работа на Startup Club Skopje во градењето претприемачка култура, поддршката на основачите и создавањето меѓународни можности за македонските стартапи.

Вклучувањето на Startup Revolution AI Summit 2025 во глобалниот извештај на StartupBlink е сигнал дека Северна Македонија повеќе не е само учесник во регионалната стартап приказна, туку станува сè попрепознатлива точка за иновации, технологија и вештачка интелигенција на Балканот и пошироко.

е-Трн да боцка во твојот инбокс