Скопје денес ќе биде домаќин на меѓународен настан посветен на претприемништвото, стартап екосистемот, иновациите и можностите за финансирање преку бизнис ангел инвестиции. Настанот ќе се одржи во Startup Club Македонија, со почеток во 13:30 часот, во организација на EMKICE KIC и ACRID Network.
Програмата ќе обедини домашни и меѓународни експерти, инвеститори, претставници на институции, академската заедница и стартап секторот, со цел да се поттикне соработка, размена на искуства и отворање нови можности за поддршка на иновативни идеи и компании во регионот.
Стартапи, инвестиции и регионално вмрежување
Главниот фокус на настанот ќе биде развојот на стартап екосистемот, пристапот до инвестиции, дигиталната и зелената транзиција, примената на нови технологии и улогата на академската заедница во создавање поиновативна и поконкурентна економија.
Во рамки на програмата се предвидени панел-дискусии, презентации, Q&A сесија, networking дел, како и презентација на книгата „Zero Risk Startup“ од Пауло Андрез. Настанот се реализира со поддршка и учество на European Business Angels Network.
Свои излагања и експертски осврти ќе имаат Пауло Андрез, претприемач, инвеститор и автор, Сашо Јовановски, директор на Startup Club Skopje, Даниела Димова, директорка на INNOVA, Силвија Гелевски од Zefir Angels, Венера Крлиу, ректорка на University American College Skopje, Илија Вучков од EMKICE и ACRID Network, Хесус Бојано, директор на INFODEF од Шпанија, како и економските експерти и професори Љубомир Кекеновски и Моника Марковска и бизнис консултантот Михаил Китановски.
Организаторите посочуваат дека настанот е можност за зајакнување на регионалната соработка и создавање подобри услови за поддршка на младите претприемачи, стартапите и иновативните компании.
Во време кога пристапот до капитал често е најголемата пречка за добрите идеи, ваквите средби се важен простор за поврзување меѓу луѓето што имаат идеи, оние што имаат искуство и оние што можат да инвестираат во следниот чекор.