Search

Стартап нуди бесплатен телевизор со втор екран за прикажување реклами

Нов модел на телевизор доаѓа на пазарот и се обидува да ги засени големите компании како Samsung, LG, Sony со тоа што телевизорот го добивате бесплатно. Telly, компанија креирана од ко-основачот на Pluto TV Илја Позин, нуди бесплатен телевизор, но со прифаќањето на понудата се согласувате на вториот, помал екран од уредот, нон-стоп да се прикажуваат реклами.

Компанијата, овој помал екран го нарекува„Паметен дисплеј“, кој е одделен од главниот телевизор со делот каде што се наоѓаат звучниците. Покрај прикажувањето реклами, тој исто така може да прикажува различни графички контроли, вклучително и спортски резултати, наслови на вести, временска прогноза и цени на акциите. Рекламите може да се појават на крајната десна страна на паметниот екран, но може да се појават и во форма на спонзорирана вест на левата страна од екранот.

„Кога го коосновав Pluto TV, создадовме сосема нов модел кој им нуди на гледачите неверојатни ТВ содржини бесплатно“, вели Позин. „Сега, со Telly, ја обезбедуваме и вистинската телевизија бесплатно“.

Иако рекламите не треба да го прекинуваат сето она што го гледате на главниот екран, главниот директор за стратегија на Telly, Далас Лоренс, за The Verge вели дека рекламите може да ги користат двата екрана кога не го користите телевизорот. „Кога главниот екран не се користи, рекламната единица може да оживее на забавен начин поврзувајќи ги и двете“, вели Лоренс. „Буквално има стотици работи за кои размислуваме за да создадеме најпривлечно рекламно искуство досега“. Лоренс, исто така, вели дека Telly работи и на „Telly Rewards“ што ќе ги наградува корисниците со ваучери за услуги како Netflix или Starbucks за учество во анкети на кои ќе се појавуваат на телевизорот.

Што се однесува до главниот дисплеј, тоа е 55-инчен 4K HDR панел поврзан со секундарниот екран преку оперативниот систем на компанијата: TellyOS. За разлика од повеќето оперативни системи за паметни телевизори, TellyOS во моментов не поддржува апликации за стриминг од трети страни како Netflix. Затоа Telly доаѓа во комплет со бесплатен 4K Android TV dongle што можете да го користите за да гледате која било услуга за стриминг што ја сакате. Компатибилен е и со други уреди за стриминг, вклучувајќи ги Roku, Amazon Fire Stick и Apple TV, и има три влеза HDMI, 2 USB влезови и тјунер што можете да го користите за гледање кабелска телевизија.

Сепак, телевизорот има повеќе од само два екрана. Ако погледнете внимателно, може да ја забележите камерата која е поставена на средината на делот каде што се звучниците. Тоа овозможува „бесплатни напредни фитнес програми за следење на движење“ што доаѓаат со телевизорот, заедно со интеграцијата на Zoom. Лоренс за The Verge вели дека телевизорот доаѓа со затворач за приватност, за да можете да имате контрола врз тоа кога камерата ве снима.

Опремен со камера и микрофон и платен од брендовите што ви прикажуваат реклами, имањето Telly во вашиот дом има јасни импликации за приватноста што може да го надминат следењето што го користат Vizio, Roku, LG, Samsung и други производители на телевизори. За својата политика за приватност за гледање и активност, Telly вели дека „може да собира информации за аудио и видео содржините што ги гледате, каналите што ги гледате и времетраењето на вашите сесии за гледање“, заедно со информации за „како комуницирате“ со телевизорот . Тоа ги вклучува вашите прашања за пребарување, копчињата што ги избирате, како и „физичкото присуство на вас и сите други поединци кои го користат телевизорот во секое време“.

Доклку изберете да се откажете од собирање податоци, или ќе треба да го вратите телевизорот или сами да ги платите претпоставените трошоци за телевизорот со двоен екран плус звучниците:

„Имате право да се откажете од споделување на вашите податоци за гледање и активност, но за жал, тоа значи дека повеќе нема да имате пристап до Услугите [и мора да го вратите телевизорот]. Ако се откажете и не го вратите телевизорот на Telly, Telly ќе ја наплати кредитната картичка во датотека во износ од 500,00 УСД“ се вели во правилата.

Telly исто така испорачува 40 различни игри и можност за репродукција на музика од „популарни музички услуги“. Има дури и „говорен асистент управуван од вештачка интелигенција“ кој одговара на „Hey Telly. Сепак компанијата се уште не открива со кои сервиси за стриминг на музика соработува, не открива за какви игри станува збор, ниту што точно ќе прави помошникот базиран на вештачка ителигенција.

Сепак, Позин има големи очекувања од Telly. Позин и во минатото се трудеше да промовира бесплатна телевизија со лансирањето на Pluto TV, една од најуспешните бесплатни ТВ услуги за стриминг поддржани од реклами и најверојатно ќе го примени ова знаење и на бесплатниот хардвер. „Немојте да бидете измамени од бесплатната цена“, вели Позин во изјавата. „Ова е убедливо најнапредната телевизија некогаш развиена“.

Според најавите Telly ќе достави околу 500.000 уреди ова лето, а во моментов промоцијата е достапна само во САД.

Извор: The Verge

Најново

Последни колумни