Слободан Трендафлиов: Од прозорци и удобни фотељи гледаат како други се борат за нивните плати

Претседателот на ССМ од протестот за 1 Мај порача дека работниците не смеат да чекаат некој друг да се избори за нивните права.

Со говор на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска започна првомајскиот протест пред Работничкиот дом во Скопје, по што граѓаните се упатија кон Владата. Трендафилов им се заблагодари на присутните што, иако имале можност да заминат некаде за празникот, избрале да бидат на протест „во име на сите работници“.

Тој порача дека додека колоната ќе се движи кон Владата, ќе има сограѓани кои ќе гледаат од прозорците и ќе чекаат „ние и некој како нас да се избориме за нивните плати“. Им се извини и на полициските службеници кои морале да бидат на терен, но и на присутните работници, велејќи дека ССМ треба да се бори „почесто и уште повеќе“ затоа што платите се ниски.

Според него, денес во Македонија околу 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегле на протест за 1 Мај. „Веројатно сликата која е креирана во ова општество е таква, дека треба да се покориме и потчиниме, но нема да го направиме тоа. Да живее 1 Мај, продолжуваме со борбата и протестот до Владата“, порача Трендафилов.

По говорот, протестната колона се движи кон Владата, а маршот поминува низ центарот на градот.

Протестот беше организиран наместо традиционалното одбележување на 1 Мај со излети и скара. Маршот започна во 11 часот пред Работничкиот дом и беше најавено движење кон Собранието, Стопанската комора и Владата, каде треба да се достават синдикалните барања. Слоганот под кој се одржа протестот беше „За плата се бориме, не се молиме“, како симбол на незадоволството од ниските примања и растечките трошоци за живот.

Од ССМ претходно посочија дека изминатата година нема напредок во социјалниот дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите во рамки на Економско-социјалниот совет. Според нив, кога институционалниот дијалог не дава резултати, протестот останува единствениот начин за притисок.

Синдикатот упати повик за солидарност меѓу работниците, истакнувајќи дека денешната борба е за најниско платените, но дека утре ќе се однесува на сите. Во меѓувреме, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) не учествуваше на протестот, со образложение дека решенијата треба да се бараат преку дијалог, а не на улица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни