Срушена до темел една од најубавите стари куќи во Охрид: јавноста реагира на губењето на архитектонското наследство

Една од најубавите стари градски куќи во Охрид, лоцирана на улицата „Димитар Влахов“, вчера беше срушена, што предизвика голем револт кај граѓаните и кај дел од јавноста. Станува збор за објект што според стручните проценки датира од првата половина на XX век и претставувал редок пример на еклектична градска архитектура во Охрид.

Од граѓанската иницијатива Охрид SOS предупредуваат дека градот забрзано го губи архитектонското наследство од минатото, откако во изминатите години биле срушени повеќе уникатни објекти, а голем број други се во опасност од рушење или пропаѓање.

Иако било поднесено барање за итна заштита на објектот, вчера почнало уривањето на старата стогодишна куќа, која се наоѓа во непосредна близина на старото градско јадро на Охрид, објави „Охрид прес“.

Претходно, до Секторот за заштита на културното наследство при Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците од Охрид било доставено барање за итна привремена заштита на објектот.

Куќата била препознатлива по својот уникатен изглед и претставувала дел од поновото архитектонско наследство на Охрид. Во јавноста се појавија шпекулации дека на овој простор би можело да се гради нова зграда.

Новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, според Охрид SOS, предвидува рушење на неколку значајни објекти, меѓу кои и оваа уникатна градска куќа, која идната година требало да заокружи еден век од изградбата, како и Здравствениот дом – Маларична, исто така изграден пред речиси сто години.

Дополнително, под удар се и две вредни згради од модерната архитектура – детската градинка и старата училишна зграда на ООУ „Григор Прличев“. Со реализацијата на планот, за изградба на четирикатница долга над 100 метри и комерцијални објекти, би биле загрозени училишниот парк, дворот на детската градинка, јавното урбано зеленило и изгледот на оваа мирна урбана целина.

Охрид SOS информираше дека побарале повлекување на урбанистичкиот план и изработка на ново решение што ќе ја почитува историјата, културниот идентитет и интересот на граѓаните. Според иницијативата, новото решение треба да биде усогласено и со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

„Со зачувување на овие објекти и јавни простори, ги штитиме не само архитектонската вредност, туку и автентичниот дух на градот. Апелиравме до надлежните институции да ја слушнат волјата на заедницата и да преземат одговорност пред историјата и идните генерации“, посочуваат од Охрид SOS.

За случајот била креирана и петиција која собрала над 1.000 потписи.

„Охрид забрзано го губи архитектонското наследство од минатото, уникатни објекти беа срушени изминативе години, а голем број се во опасност од рушење или пропаѓање. Се чини како Заводот за заштита на спомениците од Охрид и Управата за заштита на културното наследство да не прават ништо за да се спречи овој негативен тренд. Бараме од нив, додека не е предоцна, да ги спречат градежните работи на оваа локација и да се сочува оваа уникатна градба од поновата охридска историја“, порачуваат од Охрид SOS.

Куќата се наоѓала во еден од најурбанизираните делови на Охрид, на улицата „Димитар Влахов“, во непосредна близина на Гимназијата „Св. Климент Охридски“. Објектот сè почесто се споменуваше во контекст на урбанистичките планови, јавните реакции и стравот од губење на културното наследство.

Според стручните проценки, вилата датирала од првата половина на XX век и претставувала редок пример на еклектична градска архитектура во Охрид — стил што го означува преминот од традиционална османлиска урбаност кон европеизиран буржоаски град.

Фасадата на вилата откривала јасен архитектонски јазик: строга симетрија, централно поставен влез и балкон со нагласена декоративна обработка. Столбовите и балустрадата внесувале неокласична монументалност, додека прозорците со полукружни завршетоци и украсни рамки создавале чувство на академска архитектонска дисциплина.

Станува збор за типична градска семејна вила од периодот на граѓанскиот подем, кога во Охрид се граделе објекти што требало да ја изразат социјалната положба на сопствениците, но и новата естетика на европскиот град.

За разлика од денешната густо изградена урбана структура, оваа вила била поставена во простор со зеленило и ограда, што укажува на поранешен урбан модел во кој куќите не биле залепени една до друга, туку имале сопствени дворови и простор за одвојување од улицата.

Со нејзиното уривање, Охрид загуби уште еден објект што сведочеше за еден поинаков градски ритам — период во кој архитектурата не била само простор за живеење, туку и знак на култура, ред и урбана меморија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс