Пиратска копија на „Одисеја” се појави на Икс, гледана над два милиони пати

Виралниот пост со филмот на Нолан собра над два милиони прегледи за неколку часа, пред да биде отстранет.

Пиратска копија на „Одисеја”, новиот филм на Кристофер Нолан, се појави на Икс на 25 јули, преку објава која за неколку часа собра над два милиони прегледи. Профилот што ја објавил копијата подоцна бил суспендиран, а видеото отстрането и заменето со известување за прекршување на авторски права.

Пиратска копија со висок квалитет на филмот „Одисеја” се појавила на Икс на 25 јули. Профилот што ја објавил напишал: „Некој го постави целиот филм ‘Одисеја’ на Икс. Можете ли да поверувате?”. Според Варајети, видеото за само два и пол часа собрало над 2,1 милион прегледи. Потоа било отстрането и заменето со известување за прекршување на авторски права. Профилот бил суспендиран.

Ден подоцна на Икс се појавиле уште неколку копии на филмот. Дел од нив биле мемиња. Наместо „Одисеја”, корисниците наишле на познатиот интернет мим „Рикрол”, кој ги пренасочувал кон спотот за песната „Never Gonna Give You Up” на британскиот пејач Рик Естли од 1987 година.

Студиото Јуниверсал Пикчерс реагираше по ширењето на копијата. Во соопштение до Варајети, тие изјавија: „Дознавме за неовластеното поставување на филмот и веднаш поведовме постапка за негово отстранување. Прекршувањето на авторските права го сфаќаме многу сериозно и ќе ги преземеме сите соодветни правни чекори за да ги заштитиме нашата содржина и правата на интелектуална сопственост”.

Иако станува збор за едно од најголемите пиратски протекувања оваа година, инцидентот не влијае врз комерцијалниот успех на филмот. Во вториот викенд од прикажувањето, „Одисеја” заработила дополнителни 87 милиони долари. Побарувачката за проекции во IMAX сали останува многу висока.

е-Трн да боцка во твојот инбокс