Расте бројот на новозаразени во Гостивар, иако водата беше прогласена за технички чиста

За еден ден се регистрирани нови 127 прегледи со гастроентероколит, а најголем пораст на пациенти се бележи на детското одделение.

Бројот на заболени во Гостивар продолжува да расте и две недели по првиот бран на стомачни тегоби. Според последниот дневен пресек за 26 јули, во Општата болница и Здравствениот дом помош побарале 127 пациенти со симптоми на гастроентероколит. Две лица се хоспитализирани, а најизразено зголемување на бројот на прегледи има на детското одделение.

Од вкупно 127 прегледани пациенти, 91 лице побарало медицинска помош во Општата болница, додека 36 граѓани биле згрижени во Здравствениот дом. Приливот на болни е за двајца пациенти повисок во однос на претходното деноноќие.

Особено е забележлив порастот кај најмладите. На детското одделение во болницата биле прегледани 50 деца. Тоа е за десет пациенти повеќе во споредба со претходниот ден. На инфективното одделение се прегледани 41 лице. Од сите прегледани пациенти, по еден нов случај е задржан на болничко лекување на педијатрија и на инфективно одделение.

Здравствените установи во Гостивар регистрираа вкупно 4.197 први прегледи во периодот од 14 до 26 јули. Од оваа бројка, 2.351 преглед е извршен во Општата болница, а 1.846 во Здравствениот дом.

Формално доставените пријави за заразна болест достигнаа 833 случаи. Тоа е зголемување за 32 пријави во еден ден. Епидемиолошките служби досега анкетирале 563 пациенти, што претставува околу 68 проценти од пријавените случаи.

Анализите покажаа дека водата во водоводниот систем е исчистена од фекалии. Сепак, надлежните апелираат граѓаните да не ја користат за пиење или подготвување храна.

Според Кризниот штаб и изјавите на министерот Панче Тошковски, водата во Гостивар моментално има статус на техничка вода. Таа смее да се користи исклучиво за бањање и за миење садови. Мониторингот на квалитетот продолжува сè додека лабораториските соопштенија не потврдат дека е потполно безбедна за пиење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс