Србија официјално се приклучи на меѓународната иницијатива „Артемис“, откако во седиштето на НАСА беше потпишан договорот со кој земјата стана 69-та потписничка на програмата за мирољубиво истражување на вселената.
Договорот го потпиша министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ во присуство на претставници на НАСА, американскиот Стејт департмент, Амбасадата на Србија во САД и Министерството за наука, технолошки развој и иновации. Со овој чекор Србија добива можност нејзините научници, институции и компании да учествуваат во еден од најнапредните меѓународни вселенски програми.
Ѓуриќ изјави дека приклучувањето кон „Артемис“ претставува потврда на заложбата на Србија за мирољубиво истражување на вселената и почитување на меѓународното право. Според него, договорот има и стратешко значење бидејќи дополнително ги зајакнува односите меѓу Србија и САД и отвора нови можности за научна и технолошка соработка.
Програмата „Артемис“ беше покрената во 2020 година од НАСА и американскиот Стејт департмент, со поддршка од седум земји-основачи. Нејзината цел е развој на меѓународна соработка во идните мисии за истражување на Месечината, Марс и подлабокиот вселенски простор.