Малолетник, за кого постои сомневање дека е од Шабац, со два ножа нападнал припадник на Жандармеријата кој обезбедувал објект во близина на Амбасадата на Израел во Белград. Полицаецот возвратил на нападот, при што тинејџерот бил убиен.
По инцидентот, во Србија е прогласено црвено, односно највисоко ниво на терористичка закана.
Министерот за внатрешни работи во техничката влада на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека нападот врз припадникот на Жандармеријата се третира како терористички напад.
Според Дачиќ, безбедносните служби претходно го следеле осомничениот, за кого, според досегашните сознанија, постоеле информации дека е поврзан со Исламската држава.
По нападот, наредено е нивото на терористичка закана да биде подигнато на највисоко можно ниво, а полициското присуство да се засили на клучни локации низ земјата.
„Со оглед на тоа што на наша територија се случи терористички напад, донесов одлука нивото на терористичка закана да се подигне на највисоко можно ниво – црвено ниво. Тоа значи дека, почнувајќи од утрово, ќе има засилени безбедносни проверки и зголемено присуство на полициски сили на сите критични локации – особено во близина на инфраструктурни објекти и на места каде што се собираат голем број граѓани“, изјави Дачиќ.
