390 години Харвард, универзитетот што ја создаваше американската елита, а денес војува со власта

Основан е за да школува свештеници во колонија со неколку илјади жители. Денес е најстариот американски универзитет и главната мета на најголемиот судир меѓу Белата куќа и академијата.

На 28 октомври 1636 година, Генералниот суд на колонијата Масачусетс Беј изгласа 400 фунти за основање на колеџ. Колонијата тогаш постоеше помалку од една деценија и имаше неколку илјади жители. Главната цел беше пуританските заедници да имаат образовани свештеници и да не зависат од Англија. Две години подоцна, младиот свештеник Џон Харвард почина од туберкулоза и на колеџот му ги остави својата библиотека од околу 400 книги и половината од својот имот.

Во знак на благодарност, колеџот го доби неговото име. Џон Харвард не бил основач на универзитетот, туку негов прв голем донатор. Статуата во дворот на Харвард, која туристите ја фотографираат и чија чевла ја тријат за среќа, не го прикажува него, бидејќи не е сочуван ниту еден негов портрет. Скулпторот користел студент како модел.

Колеџот за свештеници што стана фабрика за претседатели

Во следните векови Харвард стана нешто многу поголемо од она што го замислиле неговите основачи. Од неговите клупи излегоа осум американски претседатели, од Џон Адамс до Барак Обама, десетици нобеловци, судии на Врховниот суд и основачи на технолошки компании. Харвард е најстарата високообразовна институција во САД. Со фонд од повеќе од 50 милијарди долари, тој е и меѓу најбогатите универзитети во светот. Тој фонд му дава слобода каква што немаат ниту многу држави: може да финансира истражувања без да чека државен буџет и да дава стипендии на студенти без оглед на нивната финансиска состојба. Токму независноста, финансиска и интелектуална, стана тема на најтешкиот судир во историјата на универзитетот.

Писмото од 11 април и одговорот „Нема да се откажеме“

Судирот почна на 11 април 2025 година, кога администрацијата на Доналд Трамп испрати писмо до претседателот на Харвард, Алан Гарбер, со листа барања. Меѓу нив беше и универзитетот до август 2025 година да воведе политики за вработување засновани на заслуги и да ги прекине сите преференции врз основа на раса, пол, религија или национално потекло. Администрацијата наведе дека Харвард не направил доволно за да го спречи антисемитизмот на кампусот.

На 14 април Гарбер одговори дека Харвард нема да ја предаде својата независност ниту ќе се откаже од уставните права. Само неколку дена подоцна, работната група за борба против антисемитизмот објави замрзнување на 2,2 милијарди долари од повеќегодишни грантови и на договори во вредност од 60 милиони долари. Администрацијата се закани и дека ќе му го одземе даночното ослободување и можноста да прима странски студенти. Харвард поднесе тужба, повикувајќи се на правото на академска слобода од Првиот амандман.

Победа на суд, но војната продолжува

Во септември 2025 година федерален суд ги поништи кратењата на средствата, а поголемиот дел од парите потоа беа вратени. Администрацијата во декември поднесе жалба на одлуката. Во февруари 2026 година Трамп изјави дека бара една милијарда долари отштета од Харвард и дека во иднина не сака никаква соработка со универзитетот. Истиот месец Министерството за правда го тужеше Харвард за да го принуди да достави податоци за приемот на студенти. Ц

елта е да се провери дали универзитетот ја почитува одлуката на Врховниот суд од 2023 година, со која беше забранет приемот на студенти врз основа на раса. Цената на оваа битка се гледа и во сметките на универзитетот: правните трошоци на Харвард во фискалната 2026 година пораснаа на околу 210 милиони долари, речиси 70 отсто повеќе од претходната година. На 390-тиот роденден, институцијата основана за да ѝ служи на колонијалната власт ја води најдолгата правна битка во својата историја против федералната власт.

Колку чини да се биде студент на Харвард?

Денес на Харвард студираат повеќе од 24.000 студенти, распоредени во различни факултети и школи. Понудата опфаќа право, медицина, бизнис, инженерство, дизајн, образование, јавна политика, јавно здравје, теологија и природни и општествени науки. Само на додипломските студии на Харвард колеџот се запишани околу 6.700 студенти.

Престижот, сепак, има висока цена. За академската 2026/2027 година, школарината, таксите, сместувањето и храната за додипломските студии чинат вкупно околу 91.600 долари годишно, пред дополнителните лични трошоци. Но, Харвард има и една од најдарежливите програми за финансиска помош во американското високо образование. Од академската 2025/2026 година, студентите од семејства со годишни приходи до 100.000 долари, со вообичаен имот, можат да студираат без родителите да плаќаат за школарината, сместувањето, храната и другите покриени трошоци. За семејствата со приходи до 200.000 долари, универзитетот ја покрива целата школарина, а во зависност од финансиската состојба може да помогне и со други трошоци. Оваа помош е достапна и за меѓународните студенти.


Тоа, сепак, не значи дека влезот е лесен: финансиската достапност не ја намалува селективноста на приемот, а можноста за стипендија не гарантира дека кандидатот ќе биде примен. Харвард денес е истовремено симбол на образовниот престиж, институција со огромни финансиски ресурси и универзитет што се обидува да ги прошири можностите за студирање. Токму затоа судирот со Белата куќа е повеќе од спор околу грантови и прописи: тој отвора прашање кој треба да одлучува за универзитетите, нивните вредности и границите на државната моќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс