Гади Ајзенкот: генералот што го загуби синот во Газа и сега сака да го симне Нетанјаху

Поранешниот началник на израелскиот Генералштаб, син на мароканско-еврејски имигранти, се натпреварува за премиерската функција со најдолговечниот премиер во историјата на Израел. Резултатот ќе зависи од тоа кој ќе успее да обезбеди 61 пратеничко место.

Израелските избори во вторникот завршија без јасен победник. Според излезните анкети, ниту премиерот Бенјамин Нетанјаху ниту неговиот главен ривал Гади Ајзенкот не се блиску до 61 пратеничко место, колку што е потребно за мнозинство во Кнесетот, кој има 120 члена. Јавниот сервис КАН ѝ доделува на партијата Ликуд на Нетанјаху 25 места, а на партијата „Јашар“ на Ајзенкот 21. Анкетите се разликуваат и во проценките за двата блока. Канал 13 им доделува по 51 место, додека Канал 12 и КАН 11 го ставаат блокот на Ајзенкот во мала предност, со 52 наспроти 50 места. Ајзенкот веднаш прогласи победа и побара мандат за составување влада. Тој изјави дека првичните резултати покажуваат целосна недоверба во Нетанјаху и, како што рече, во неговата „влада на 7 октомври“. Конечните резултати ќе бидат објавени на 4 ноември. Претседателот Исак Херцог потоа ќе го задолжи кандидатот за кој ќе процени дека има најголеми шанси да состави влада во рок од 42 дена.

Од рударско семејство во Еилат до началник на Генералштабот

Ајзенкот е роден на 19 мај 1960 година во Тиберијада, како второ од четирите деца на Меир и Естер Ајзенкот, еврејски имигранти од мароканскиот град Сафи. Неговото презиме е мала лекција за историјата на израелската имиграција. Се претпоставува дека семејството првично се презивало Азенкот, а презимето го сменил службеник кога татко му пристигнал во Израел. Така, првиот началник на Генералштабот со мароканско потекло добил презиме што звучи ашкенаско. Израснал во пристанишниот град Еилат, на југот на земјата. Татко му работел како рудар во рудниците за бакар во долината Тимна, а мајка му била домаќинка. Во средното училиште учел поморство и машинство. Со сопругата Хана се запознал во клуб за едрење уште додека биле средношколци, а се венчале во 1984 година. Имаат пет деца. Неговото скромно потекло од периферијата сега е дел од неговата кампања. Ајзенкот има поддршка и меѓу сефардските гласачи, кои традиционално се дел од гласачката база на ултраортодоксната партија Шас, која отворено стравува дека тој ќе ѝ одземе дел од гласачите.

Доктрината „Дахија“ и „војната меѓу војните“

Ајзенкот влегол во армијата во 1978 година и останал таму четири децении. Целата кариера ја поминал во елитната бригада Голани, бил воен секретар на премиерите Ехуд Барак и Ариел Шарон и командант на дивизијата за Западниот Брег за време на Втората интифада. По војната во Либан во 2006 година, го предводел создавањето на концептот според кој армијата треба силно да го нападне бејрутското предградие Дахија, центарот на Хезболах, за да воспостави одвраќање. Таа „доктрина Дахија“, која подразбира употреба на масовна сила против цивилната инфраструктура, и денес е предмет на остри критики од организациите за човекови права. Како началник на Генералштабот, од 2015 до 2019 година, ја формализирал стратегијата на тајни операции позната како „кампања меѓу војните“. За време на неговиот мандат, Израел нападнал илјадници ирански цели во Сирија. Истовремено, некои негови потези во армијата се паметат како воздржани. За време на „интифадата на ножевите“ во 2015 и 2016 година, се спротивставил на воведување полициски час во палестинските градови и на политиката на пукање со намера да се убие. Во 2018 година се спротивставил на целосна војна во Газа, што довело до оставка на тогашниот министер за одбрана Авигдор Либерман. Критичарите од палестинска страна потсетуваат дека токму под негова команда израелските снајперисти убиле најмалку 189 невооружени демонстранти за време на протестите „Голем марш на враќањето“ во Газа во 2018 година.

Синот Гал и заминувањето од воениот кабинет

Во политиката влегол во 2022 година, со алијансата Национално единство на Бени Ганц. По нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, станал министер без ресор и член-набљудувач во воениот кабинет на Нетанјаху. Два месеца подоцна, во декември 2023 година, неговиот син Гал, 25-годишен наредник, загинал во Газа. Еден ден подоцна загинал и неговиот внук Маор, а во ноември 2024 година и вториот внук, капетанот Јогев Пази. Во јуни 2024 година ја напуштил владата заедно со партијата на Ганц. Во 2025 година се разделил и од Ганц и ја основал сопствената партија. Денес тврди дека Нетанјаху намерно ја продолжувал војната во Газа, а дека Трамп бил тој што го притиснал да ја заврши.

„Јашар“: ни лево ни десно, туку право

Партијата „Јашар“, чие име на хебрејски значи „право“ или „чесно“, е основана во септември 2025 година со мотото „да поправа, да лекува и да дава надеж“. Името е инспирирано од поранешниот заложник Ели Шараби и неговата реченица дека нешто не е ни лево ни десно, туку право. Меѓу основачите е и Шир Сигел, ќерка на поранешните заложници Кит и Авива Сигел. Програмата има десет точки. Првата е формирање државна комисија за истрага на пропустите на 7 октомври, што Нетанјаху долго го одбиваше, а Ајзенкот вети дека тоа ќе биде првата одлука на неговата влада. Втората голема тема е задолжителната воена служба за ултраортодоксните мажи. Помалку од 10 отсто од нив се регрутираат, иако армијата се соочува со недостиг од војници, а Ајзенкот вети дека ќе ги укине фактичките изземања. На домашен план, програмата се фокусира на трошоците за живот и на економската поддршка за работниците, младите и оние што служат во армијата. Тој постојано тврди дека поделбите во израелското општество се поголема закана за земјата од Иран.

Газа и Палестинците: тврд став, поинаков тон

Кога станува збор за Палестинците, разликата меѓу Ајзенкот и Нетанјаху е помала отколку што сугерираат предизборните плакати. Ајзенкот се противи на создавање палестинска држава. Сепак, предупредува дека решението со една држава за двата народа би го ставило Израел пред избор: или милиони Палестинци да добијат право на глас, со што Израел би можел да го изгуби еврејското мнозинство, или да им биде ускратено тоа право, со што Израел би престанал да биде демократија. Затоа се залага за одредена форма на раздвојување на Западниот Брег, во која реформирана Палестинска управа би презела поголема одговорност, додека Израел би ја задржал воената контрола. За Газа ја прифаќа рамката на мировниот план на Трамп од 20 точки, со технократска палестинска администрација. Ветува дека ќе стави крај на власта на Хамас во рок од 18 месеци, преку дипломатија или со воена сила. Вети и остри мерки против насилството на еврејските доселеници врз Палестинците на Западниот Брег. Нетанјаху ја водеше кампањата под слоганот „Или десницата или Палестина“ и тврдеше дека Ајзенкот и неговите сојузници сакаат палестинска држава, што ја претставуваше како катастрофа за Израел. За Ајзенкот тврдеше дека е „мек“ кон Иран.

Трамп, Аделсон и сенката на Вашингтон

САД беа невидливиот трет учесник во кампањата. Трамп го поддржа Нетанјаху само неколку дена пред изборите, иако војните на Блискиот Исток ги ставија на проба нивните односи. Нетанјаху ја искористи поддршката: во телевизиско обраќање изјави дека Трамп е подготвен да преземе акција за конечно отстранување на иранската закана доколку тој остане на власт. Ајзенкот однапред сметал дека Трамп ќе го поддржи Нетанјаху и, според „Аксиос“, се обидел преку републиканската донаторка Миријам Аделсон да го убеди американскиот претседател да остане настрана. Кога поддршката сепак пристигнала, не го критикувал Трамп. Наместо тоа, изјавил дека е уверен оти Трамп ќе соработува со секој лидер што ќе го избере израелскиот народ. Еден од неговите поинтересни предлози е Израел постепено да се откаже од американската воена помош. Тој смета дека зависноста е извор на тензии во Вашингтон и е спротивна на ционистичката идеја за еврејска држава што може сама да се брани. Аналитичарите проценуваат дека влада на Ајзенкот, без крајнодесничарските партнери на Нетанјаху, Итамар Бен-Гвир и Бецалел Смотрич, би била поумерена и би му оставила на Трамп повеќе простор за регионална дипломатија, вклучително и за нормализација на односите со Саудиска Арабија.


Кој стои зад него?

Опозицискиот блок околу Ајзенкот е широк и разнороден. Покрај „Јашар“, во него се заедничката листа на поранешните премиери Нафтали Бенет и Јаир Лапид, секуларно-националистичката партија Израел Бејтену на Авигдор Либерман и Демократите на поранешниот заменик-началник на Генералштабот Јаир Голан. Тоа е истата опозиција што во 2021 година го симна Нетанјаху по 12 години на власт, но формираше влада што траеше само 18 месеци. Клучот можеби ќе го држат арапските партии. Арапските граѓани сочинуваат околу 20 отсто од населението на Израел, но двата блока однапред ја исклучија соработката со арапските партии. Во вторникот имаше висока излезност во некои од најголемите арапски градови, иако дискриминацијата и разочарувањето историски придонесувале за пониска излезност. Ако Ајзенкот успее да состави влада, ќе стане првиот израелски премиер со мароканско потекло и првиот по 2021 година што ќе го смени Нетанјаху. Ако не успее, Израел ќе остане под влада на Ликуд во заминување, а земјата ќе се упати кон нови избори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс