Иницијативата #СподелиАвторка годинава одбележува пет години работа посветена на промоција на женското писмо, феминистичката и квир литературата, како и создавање простор за солидарност, заедничарење и културна размена.
Јубилејниот настан ќе се одржи на 19 мај во Лабораториум во Скопје, и ќе биде отворен за јавноста, со повеќе активности што ги спојуваат литературата, активизмот и заедницата.
Програмата вклучува собирање донации на книги, разговори за феминистичката мисла и потребата од простор за женски гласови, како и работилница за препев на поезија во соработка со платформата Медуза.
Во рамки на настанот ќе има и поетско читање со поетесата и новинарка Александра Спасеска, како и музичка програма со DJ Marigo, што го проширува форматот на класичен литературен настан во мултимедијално културно случување.
Во изминатите пет години преку иницијативата се донирани над 5000 книги во повеќе од 20 библиотеки, младински центри, независни простори и институции, вклучително и библиотеката во КПУ Идризово, со цел да се доближи феминистичката и женската литература до поширока публика.
#СподелиАвторка работи на повеќе јазици и вклучува авторки од различни заедници, со што создава инклузивна платформа за женско творештво и културна видливост во регионот.
Организаторите нагласуваат дека иницијативата не е само донациска акција, туку долгорочна практика на градење алтернативна инфраструктура на знаење и зајакнување на библиотеките како живи јавни простори.