На 22. Јуни во Скопје ќе се случи петтата парада на гордоста, оваа година под мотото „Спектакуларно непослушни“. Поворката со боите на виножитото ќе се движи по веќе традиционалната рута која започнува во паркот „Жена борец“, преку Рекорд, Влада па сè до стадионот на АРМ каде што ќе се случува главната програма.

Зошто Прајд?
Скопје Прајд е настан од и за ЛГБТ+ заедницата, но и за сите поддржувачи на борбата за еднаков третман на сите луѓе. Прајдот е протест, но и прослава, на кој се реафирмираат надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество.
Организаторите на Прајдот велат: „Многу нешта, во многу земји, се променија од првиот Прајд одржан 1970 година во Њујорк. Но, напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството. Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати.“
Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост – додаваат тие.

Кои се организаторите?
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, основана 2014 г., е неформална мрежа на здруженија на граѓани и неформални групи кои здружено работат на унапредување на гарантирањето и уживањето на човековите права на ЛГБТИ луѓето во Република Северна Македонија. Нивната визија е секое лице од ЛГБТИ заедницата во нашата земја да живее квалитетен и безбеден живот и целосно да ги ужива и остварува своите права. Во рамките на својата мисија, НМХТ работи кон создавање и одржување на безбедна, инклузивна и правична околина за ЛГБТИ заедницата преку здружена акција и координација, активно вклучување на членовите во заедницата, нивно зајакнување и застапување на правата.
Што може да се очекува на Прајдот?
Пред се незаборавна прошетка низ скопските улици со најшареното и најразновидното друштво кое може да се замисли. Секоја година, скоспкиот Прајд нуди богата забавна програма, тука се неизоставните Дрег – кралици, разни изведувачи и Диџеј сетови кои прават оваа спектакуларно непослушна дружина, да направи и спектакуларно добра журка.