Од новата академска година, медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип воведуваат нов модел на специјализации – со помалку тесна насоченост и повеќе практична подготвеност.
Се менуваат специјализациите по интерна медицина и општа хирургија, со цел да се создадат лекари кои подобро ќе се снаоѓаат во реални, особено итни медицински ситуации.
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека досегашниот систем создавал премногу тесно специјализирани кадри, кои тешко се адаптираат во пракса.
„Воведуваме засилена практична обука, особено во ургентната медицина и интензивната нега. Целта е интернист кој може самостојно да управува со комплексни состојби“, изјави Алиу.
Една од клучните новини е што идните интернисти ќе учат и користење ултразвук како стандардна алатка, што ќе им овозможи побрзо донесување одлуки во критични ситуации.
Истовремено, се воведуваат јасно дефинирани практични вештини кои секој специјализант ќе мора да ги совлада.
Промени има и кај хирургијата. Наместо досегашните шест години, специјализацијата ќе трае пет.
Според министерот, идејата е да се создаде „флексибилен и функционален хирург“, кој ќе може да одговори на потребите на болниците, особено во помалите средини.
Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, објаснува дека реформата значи враќање кон поширока основа.
„Лекарите прво ќе станат општи хирурзи или интернисти, па потоа ќе се доусовршуваат. Тоа ќе донесе подобра здравствена заштита низ целата држава“, рече Антовиќ.
Поддршка за реформата доаѓа и од Лекарската комора.
Претседателката д-р Калина Гривчева-Старделова смета дека ваквите промени се клучни и за задржување на кадарот во земјава.
„Лекарот ќе го задржите ако му дадете работа и квалитетно образование. Основата мора да биде силна“, истакна таа.
Таа предупреди дека сегашниот систем создава проблеми, особено во внатрешноста, каде лекарите често треба да третираат различни состојби, но се ограничени со тесна специјализација.
Според податоците, околу 70 проценти од пациентите се лекуваат во клиничките центри, што укажува на преоптоварен систем и слабости на локално ниво.
Со новите правила, студентите до трета година ќе можат да преминат на новата програма, додека останатите ќе продолжат по старата. За веќе специјализираните лекари ќе бидат организирани дополнителни обуки за усогласување.
Реформата треба да помине владина процедура, а примената се очекува да започне уште оваа година.