Двајца дваесетгодишни спасувачи на плажата Полихроно на Халкидики го спасија животот на девојче старо две и пол години, откако вчера било извлечено од морето во бесознание. Атина Хоромиду и Танос Иконому спровеле кардиопулмонална реанимација додека плажата била преполна со капачи.
Инцидентот се случил вчера, 23 јули, околу пладне, кога плажата Полихроно на Халкидики била преполна со капачи. Спасувачката Атина Хоромиду, во тој момент се наоѓала на друга спасувачка кула, околу 200 метри од централната кула каде што бил нејзиниот колега Танос Иконому.
„Не знам кој го извлече девојчето од морето. Еден колега доби информација дека детето е во опасност; тој веднаш истрча и ме извести преку радио-врска. Ја зедов опремата и боцата со кислород, истрчав до местото на несреќата и истовремено повикав брза помош”, изјавила Хоромиду за грчкиот портал „Прототема”.
Хоромиду и Иконому веднаш започнале со кардиопулмонална реанимација. „Јас вршев реанимација, додека Танос ѝ ја објаснуваше точната локација на екипата за итна помош. Реанимацијата ја спроведовме трипати. Еден човек даваше вештачко дишење, а кога се подготвувавме да го употребиме дефибрилаторот, девојчето почна да повраќа и да плаче. Тогаш сфативме дека е живо и дека успеавме”, раскажала спасувачката. Според неа, девојчето било вратено во живот благодарение на реанимацијата.
На местото биле присутни родителите на девојчето, кои со неверување ја следеле борбата за нејзиниот живот, како и двајца волонтери од организацијата „Kids Save Lives”, кои им помогнале на спасувачите. „Девојчето беше веднаш до брегот, на местото каде што се кршат брановите. Кога ја видовме, веќе ја беа извлекле на плажата. Беше студена, помодрена, а очите ѝ беа отечени”, рекла Хоромиду.
Хоромиду е учесник во обука за спасувачи на вода и втора година работи како спасувач на плажа. Таа вели дека токму квалитетната обука ѝ помогнала да остане присебна во драматичната ситуација. „Сè правиме автоматски, без размислување. Дури подоцна сфаќаш што всушност се случило”, рекла таа, додавајќи дека вистинскиот шок дошол дури откако се вратила дома по смената: „Тогаш сфатив дека неколку минути сме држеле во рацете две и пол годишно девојче кое не покажувало никакви знаци на живот. За среќа, сè заврши добро”.
Кога девојчето дошло при свест, спасувачите биле „пресреќни”. Хоромиду раскажала дека најубавиот момент бил кога двајцата се враќале кон своите кули, а луѓето на плажата им аплаудирале. „Тоа беше неверојатно чувство”, рекла таа.