Мала срна била нападната и повредена од куче скитник во Националниот парк Пелистер, но со брзата реакција на вработените срничката е спасена, соопштија од паркот.
Во акцијата учествувале Зоран Пројчевски, раководител на помошно-техничкото одделение, и ренџерот Неџип Сефедини, кои навремено интервенирале и го згрижиле младото животно.
По спасувањето, вработените презеле дополнителни активности за срната повторно да биде вратена во својата природна средина. Со помош на емитување на соодветни звуци, тие успеале да ја пронајдат нејзината мајка и повторно да ги спојат.
Од Националниот парк Пелистер ја споделија оваа убава вест на социјалните мрежи, истакнувајќи дека заштитата на дивиот свет и грижата за животните остануваат еден од нивните главни приоритети.