Шпанија ќе ги прими патниците од крузерот погоден од хантавирус

Крузерот MV Hondius се упатува кон Канарските Острови, откако Капе Верде немаше капацитет да ги прими патниците и екипажот.

Шпанските власти одобрија луксузниот холандски крузер MV Hondius, на кој е регистрирана епидемија на хантавирус, да се упати кон Канарските Острови, откако беше закотвен во близина на брегот на Капе Верде. На бродот има 147 патници и членови на екипажот, а дел од нив имаат потреба од итна медицинска евакуација.

Министерството за здравство на Шпанија соопшти дека Светската здравствена организација информирала оти Капе Верде нема капацитет да ги прими лицата од бродот. Затоа, Канарските Острови се посочени како најблиска локација со соодветни медицински услови. Од Мадрид порачаа дека Шпанија има морална и законска обврска да помогне, особено затоа што меѓу патниците има и шпански државјани.

На бродот досега починале три лица, холандски пар и германски државјанин, од ретката болест која најчесто се пренесува преку контакт со урина, измет или плунка од заразени глодари. Британски државјанин, кој претходно бил евакуиран од бродот, се наоѓа на интензивна нега во Јужна Африка. Според операторот Oceanwide Expeditions, уште двајца членови на екипажот имаат потреба од итна медицинска помош, додека едно лице со сомнителни симптоми пријавило само блага треска.

Шпанските власти најавија дека ќе примат и медицински лет со лекарот на бродот, холандски државјанин кој е во тешка состојба, по формално барање од холандската влада. Патувањето до Канарските Острови треба да трае околу три дена, а MV Hondius се очекува да се закотви или во Гран Канарија или во Тенерифе.

Патниците на бродот велат дека состојбата е напната, но контролирана. Снимки до кои дошла Associated Press покажуваат празни палуби, медицински тимови во заштитна опрема и патници кои чекаат решение од властите. Еден од патниците изјавил дека деновите минуваат „речиси нормално“, со читање, филмови и чекање информации, додека друга патничка за белгиски медиум рекла дека сите се „во ист брод, буквално“.

Светската здравствена организација соопшти дека разгледува седум случаи поврзани со епидемијата: трите смртни случаи, еден критично болен патник кој претходно бил симнат од бродот и тројца луѓе на бродот со благи симптоми. Два случаи досега се потврдени како позитивни на хантавирус, меѓу кои една почината жена и евакуираниот маж.

Од СЗО наведуваат дека се истражува можноста за пренос од човек на човек на бродот, иако се претпоставува дека првото заразено лице веројатно било изложено на вирусот пред да се качи на крузерот. Според информациите доставени до здравствените власти, на бродот не биле забележани стаорци.

Аргентинските власти, каде што хантавирусот минатата година предизвикал 28 смртни случаи, соопштија дека ниту еден патник немал симптоми при поаѓањето на Hondius. Симптомите, според здравствените служби, може да се појават и до осум недели по изложеност на вирусот. Во Јужна Африка е почнато следење на контактите, но властите нагласуваат дека ризикот од поширока закана за јавното здравје засега е мал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни