SpaceX гради комплекс од 100 милијарди долари за илјадници лансирања годишно

Локацијата во Луизијана ќе служи за редовни комерцијални летови на Starship, со специјални џиновски кули за фаќање на ракетите при слетување.

Американската вселенска компанија SpaceX претстави план за изградба на масивен вселенски лансирен комплекс во сојузната држава Луизијана, проект вреден 100 милијарди долари. Од оваа нова база, компанијата планира да изведува илјадници лансирања годишно со својот најголем ракетен систем Starship. Изградбата на крајбрежниот комплекс треба да започне до крајот на следната година, а првите летови се очекуваат најдоцна до 2029 година.

Комплексот ќе го носи официјалното име „Starbase, Louisiana“, инспирирано од истоимениот развоен центар во јужен Тексас. Додека тексашката локација останува главен полигон за тестирање и развој каде досега се изведени 13 пробни летови, новиот центар во округот Вермилион ќе биде наменет за оперативни мисии. Овие летови ќе започнат откако системот Starship целосно ќе ја докаже својата безбедност за пренесување комерцијален и научен товар во орбитата.

Главниот инженериски предизвик на новиот комплекс е овозможување целосна и брза повторна употреба на секој сегмент од леталото. SpaceX планира да ја спушта и горната фаза од бродот, што претставува технички потфат што досега не е изведен во вселенската индустрија.

За таа цел, на јужниот брег на Луизијана ќе се изградат повеќе специјализирани фаќачки кули високи стотици метри, што треба драстично да ги намали трошоците поединечно за секое лансирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс