SpaceX, OpenAI и Anthropic подготвуваат излегување на берза: може ли пазарот да издржи три технолошки гиганти одеднаш?

SpaceX, OpenAI и Anthropic се подготвуваат за излегување на берза, со заедничка проценета вредност од неколку трилиони долари. Финансиските пазари се соочуваат со историски тест.

Финансиските пазари во 2026 година би можеле да се соочат со еден од најголемите тестови досега. Три од највредните приватни технолошки компании во светот — SpaceX, OpenAI и Anthropic — се подготвуваат за излегување на берза во период од само неколку месеци.

Нивната заедничка проценета вредност се приближува до околу 4 трилиони долари, што го отвора главното прашање за инвеститорите: дали пазарот може да апсорбира толку големи компании во толку краток период?

Прв на ред е SpaceX, компанијата на Илон Маск за ракети, сателити и вселенска инфраструктура. Според најавите, компанијата планира излегување на Nasdaq под ознаката „SPCX“, со цел да собере околу 75 милијарди долари. Ако тоа се случи, SpaceX би можел да го собори рекордот на Saudi Aramco, кој во 2019 година собра 29,4 милијарди долари при излегување на берза.

Она што го прави овој случај уште понеобичен е начинот на кој SpaceX ја поставува понудата. Наместо вообичаен ценовен опсег, компанијата одредила фиксна цена од 135 долари по акција, уште пред класичното претставување пред инвеститорите.

Дополнително внимание привлекува и идејата на Маск дел од акциите да им биде достапен на малите инвеститори. Според информациите, SpaceX би можел да резервира до 30 проценти од акциите за обични вложувачи, што е многу повеќе од вообичаените 5 до 10 проценти кај големите IPO процеси.

Зад SpaceX во ред чекаат OpenAI и Anthropic, двете компании што се во центарот на трката за развој на најнапредните AI модели. Anthropic, познат по системот Claude, наводно поднел доверлива документација до американската Комисија за хартии од вредност, додека OpenAI, креаторот на ChatGPT, исто така се подготвува за можен јавен настап на пазарот.

Проценките се огромни. OpenAI би можел да цели кон вредност блиска до 1 трилион долари, додека Anthropic според последните приватни проценки се приближува до слично ниво. Заедно со SpaceX, овие три компании би можеле за само неколку месеци да внесат нова пазарна вредност од неколку трилиони долари.

Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека пазарот може да го издржи овој притисок, барем во почетната фаза. Причината е што новоизлистаните компании во индексите не се мерат според нивната целосна вредност, туку според бројот на акции што реално се пуштени во јавна трговија.

На пример, ако SpaceX првично пушти во промет само мал дел од својот капитал, неговото влијание врз индексите ќе биде постепено, а не веднаш огромно. Тоа значи дека пасивните фондови нема веднаш да мора масовно да купуваат акции.

И покрај тоа, ова останува тест без преседан. Ако SpaceX, OpenAI и Anthropic навистина излезат на берза во ист период, тоа ќе биде момент што може да го редефинира технолошкиот сектор, пазарот на капитал и начинот на кој инвеститорите ја вреднуваат вештачката интелигенција, вселенската индустрија и идната дигитална економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс