Search

Создаден е првиот лаптоп без екран 

Преносните компјутери станаа особено популарни изминативе години затоа што многумина одлучија да работат од дома или работата од дома да си ја носат со себе каде и да посакаат во светот. Но, најголем дел од тие дигитални номади имаат еден проблем – мал екран. Тоа е главниот недостаток во однос на работата во канцеларија, каде што на располагање имаат голем монитор или дури неколку поврзани монитори.

Сега израелската компанија Sightful верува дека може да го реши овој проблем со својот лаптоп Spacetop, кој наместо екран има очила за проширена реалност кои ви овозможуваат да проектирате на површина до 100 инчи односно 254 см на која било средина во која што работите. Така со помош на два мали екрани од 1080p на стаклата на очилата се создава илузија на 2K екран.

Со користење на оперативниот систем на компанијата наречен Spacetop OS, лаптопот ќе ви овозможи да бидат отворени повеќе прозорци еден покрај друг на виртуелниот Canvas екран и со тоа да се елиминира потребата да се поставуваат повеќе прозорци еден врз друг како кај обичните компјутери.

Бидејќи екранот може да го види само корисникот и никој друг, Spacetop овозможува и ново ниво на приватност во текот на работата дури и кога работите во автобус или во авион. Освен тоа, бидејќи очилата се проѕирни, нема да пропуштите што се случува околу вас.

Што се однесува на спецификациите, Spacetop ќе користи Qualcomm Snapdragon 865 чипсет и Adreno 650 GPU. Оваа комбинација обично се користи за погон на мобилни телефони, што има смисла со оглед на тоа дека Spacetop OS се базира на варијанта на Android со отворен код. Ќе има 8 GB меморија и 256 GB вградена меморија, Wi-Fi 6 и Bluetooth 5.1 за конектирање, како и два отвори за USB-C.

Лаптопот и очилата заедно тежат над 1,5 кг, а доаѓа во димензии од 4 см дебелина, 26,6 см ширина и 24,9 cm висина. Очилата имаат вградени слушалки, а како изгледа сето тоа можете да видите од видеото во прилог.

Извор: vidi.hr

Најново

Последни колумни