Сомнеж за ебола во Бразил: Под надзор двајца пациенти во Сао Паоло и Рио де Жанеиро

Бразилските здравствени власти испитуваат два можни случаи на ебола во Сао Паоло и Рио де Жанеиро. Доколку се потврдат, тоа би биле првите случаи надвор од Африка поврзани со актуелната епидемија во ДР Конго.


Здравствените власти во Бразил ги следат состојбите на двајца пациенти поради сомнеж за можна зараза со ебола во најголемите бразилски градови, Сао Паоло и Рио де Жанеиро. Доколку тестовите го потврдат присуството на вирусот, тоа би биле првите случаи регистрирани надвор од Африка од почетокот на актуелната епидемија во Демократска Република Конго.

Според информациите на здравствените служби, резултатите од тестирањата се очекуваат во текот на следната недела.

Кај двајцата пациенти веќе се потврдени други заболувања

Во државата Сао Паоло, 37-годишен маж со потекло од ДР Конго бил примен во болница со висока температура и други симптоми кои првично предизвикале сомнеж за ебола. Подоцна кај него бил дијагностициран менингитис.

Во државата Рио де Жанеиро, здравствените власти активирале безбедносни протоколи откако белгиски државјанин, кој пристигнал од Уганда, покажал симптоми како кашлица, треска и дијареја. Кај него е потврдена маларија. И покрај овие дијагнози, тестирањата за ебола продолжуваат како мерка на претпазливост.

Актуелната епидемија во ДР Конго досега има повеќе од 1.000 сомнителни случаи и најмалку 246 смртни случаи. Во соседна Уганда се потврдени девет инфекции и еден смртен исход. Светските здравствени власти предупредуваат дека вистинскиот број на заразени може да биде поголем поради ограничените капацитети за тестирање во погодените области.

Редок сој на вирусот

Тековната епидемија е предизвикана од реткиот сој на вирусот ебола познат како Bundibugyo ebolavirus. За овој сој засега нема докажана вакцина, а стапката на смртност се проценува на околу една третина од заразените лица. Вирусот најчесто потекнува од диви животни, особено овошни лилјаци, а кај луѓето се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразено лице, вклучувајќи крв, плунка, пот, урина, измет и други секрети.

Здравствените власти во Бразил нагласуваат дека засега нема потврдени случаи на ебола во земјата, но ситуацијата внимателно се следи додека се чекаат конечните лабораториски резултати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс