Собранието го изгласа младинскиот додаток: Вработените до 23 години ќе добиваат по 3.000 денари месечно

Младите до 23 години вработени во производствени дејности ќе добиваат по 3.000 денари месечно, откако Собранието го усвои новиот Закон за младински додаток.


Собранието денеска го усвои Законот за младински додаток, со кој се воведува директна финансиска поддршка за млади лица до 23 години вработени во производствени дејности. Со новото законско решение, младите работници ќе добиваат по 3.000 денари месечно како дополнителен надоместок.

Слична мерка постоеше и во изминатите години, но досега беше регулирана со законски решенија со ограничен рок на важност, кои периодично се продолжуваа. Со новиот закон, поддршката добива посистемско законско решение. Покрај Законот за младински додаток, пратениците ги усвоија и измените на Законот за индустриски-зелени зони. Со нив се врши усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа, при што се менуваат дел од термините и надлежностите во постојниот закон.

На денешната седница беше донесена и одлука за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина. Собранието усвои и повеќе заклучоци со кои оцени дека нема потреба од автентично толкување на одредби од неколку закони, меѓу кои Законот за данок на личен доход, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, како и делови од законите за државни и административни службеници поврзани со кариерниот напредок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс