Search
Благица Ефтимова, проектен координатор за Еразмус плус мобилност

Со Еразмус плус програмата имаме исти можности како младите во Европа

Благица Ефтимова е млада жена која во моментов работи како проектен асистент за Швајцарската програма за претприемништво со глобален и регионален менаџмент и како проектен координатор за Еразмус плус мобилност што се спроведува преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Целта на овие програми е да се работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија.

Корисници на овие програми можат да бидат ученици, студенти, наставници, професори обучувачи и друг персонал кој е вклучен во било кој дел од образовниот процес, како и претпријатија и други правни лица и различни здруженија.

Благица која веќе неколку години работи на промовирање на преку 20 Еразмус плус мобилности во Македонија, како учесник и како организатор и тренер, смета дека програмата отвара големи можности за младите во земјава, нодека истите не се целосно искористени и дека треба да се работи на допоплнтелно промовирање на овие можности.

Еразмус плус програмата јас ја нарекувам мастер за вештини. Доколку одиме почесто, во текот на годината барем еднаш или два пати на вакви програми и можности, дефинитивно не само што добиваме искуства или знаења во различни области туку и ги зајакнуваме нашите социјални вештини или софт скилс. Треба да гледаме и како другите направиле успешни приказни и како ние можеме да бидеме тие кои што ќе се едуцираме и ќе ги донесеме добрите практики од странство во нашата земја. Дали е тоа од социјален аспект или на професионален или бизнис левел – вели Благица.

Оваа исклучителна млада жена полна со ентузијазам и желба за промени верува во својот потенцијал и во потенцијалот на младите од Западен Балкан.

Верувам дека потенцијалот на младите од Западен Балкан е можеби и поголем од потенцијалот на останатите земји од Европа, затоа што тука ние сме научени сами да ги бараме можностите. Не ни е дадено ништо така на дланка, туку ние сме тие кои сакаме да успееме. Имаме амбиција, креативност и желба, меѓутоа можеби некогаш ни треба поттик за таа мотивација и поттик за таа желба да испадне на виделина и дополнителна  мотивација за да можеме  да успееме. Затоа се овие Еразмус мобилности и можности за да видиме дека имаме исти можности како останатите во Европа. Прашање е што можеме да направам дополнително за да ги искористиме тие можности – вели Благица.

Прашањето е колку ги користиме овие европските фондови кои ни се достапни? Не доволно, смета нашата соговорничка, особено не во општините низ земјава каде што младите воопшто не знаат што е Еразмус плус програмата. Токму затоа смета таа, би требало да се сконцентрираме на руралните средини и на средните училишта каде од помали години ќе почне со промоција на тоа кои се можностите, каде се аплицира и што добиваат младите со овие програми.

Важен дел се секако и отворените повици за пишување проекти и тоа е она на што треба да се работи  и да им се даде на младите можност и знаење пред се како да го пишуваат проектите, како да ги реализираат и каде да побараат помош  за сите грантови кои се на располагање.

Треба малку да испаднеме од таа комфорт зона и да бидеме на терен, односно да видиме што можеме да работиме со професорите и со наставниците. Тие да бидат мобилизатори на заедницата. Има можности  со овие програми, но ние сме тие што некогаш треба да ги најдеме тие можности – вели Благица.

Императив за неа, како и за повеќето млади луѓе е Европско семејство и неговите предности. Светот без граници особено кога се во прашање административните граници и за “стартапите” кои се особено актуелни за младите денес. Но како и се друго, така и агендата за европското семејство, вели Благица треба да се одработи.

Ние сме тие што треба да го направиме реалност. Нема некој друг да дојде и да каже – ајде отворена ви е вратата, влезете. Според мене, Европско семејство ДА. Дефинитивно имаме еден куп можности. Колку ќе бидат тие добронамерно искористени останува да видиме – смета Благица.

Најново

Последни колумни