Со финансиска поддршка од 86 милиони евра обезбедени од Европската Унија, Германската развојна банка (KFW) и Министерството за образование и наука, ќе се реализираат 16 капитални инвестиции во образовната инфраструктура во Македонија. Проектот предвидува реконструкција на девет државни студентски домови и седум ресурсни центри за деца и млади со посебни образовни потреби.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос, евроамбасадорот Михалис Рокас и вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, го посетија студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, чија реконструкција е во завршна фаза.
Според Јаневска, „Стив Наумов“ ќе биде целосно обновен и енергетски ефикасен, а заедно со студентскиот дом „Кузман Шапкарев“ ќе биде меѓу првите реновирани домови што ќе им бидат достапни на студентите од почетокот на новата академска година. Од вкупната финансиска конструкција, 60 милиони евра се обезбедени преку кредит од Германската развојна банка KFW, 22 милиони евра се неповратни грантови од Европската Унија, додека околу четири милиони евра се обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука.
Министерката оцени дека европската финансиска поддршка е значајна за модернизација на образовната инфраструктура и за приближување на македонскиот образовен систем кон европските стандарди, изразувајќи очекување ваквите инвестиции да продолжат и во наредниот период.