Словенија во политичка замка: Јанша е блиску до власт, но 46 гласови не му се загарантирани

По најтесните избори во историјата на земјата, ниту левицата ни десницата нема мнозинство. Претседателката Пирц Мусар почнува консултации, а исходот ќе одреди дали Словенија останува про-европска или го следи патот на Унгарија.

На 22 март 2026 година, Словенија одржа парламентарни избори кои го изгласаа она кое никој не го сакаше: Ситуација со ист број гласови на двете водечки партии. Партијата на премиерот Роберт Голоб ги победи конзервативците на Јанез Јанша со само еден пратеник разлика, во малата алпска земја со два милиони жители. Политички исход од изборите денес будно го следат во Брисел и во Будимпешта.

Најтесни избори во историјата: 0,68 процентни поени разлика

Парламентарните избори во Словенија одржани на 22 март 2026 година донесоа еден од најизедначените исходи во последниве години. Иако Движењето Слобода на премиерот Роберт Голоб излезе како релативен победник, неговата предност пред Словенечката демократска странка на Јанез Јанша изнесувала само 0,78 процентни поени, или 9.179 гласови, со еден пратеник предност во 90-членото Национално собрание.

Движењето Слобода освоило 28,63 отсто од гласовите и 29 пратенички места, додека опозициската Словенечка демократска странка освоила 27,95 отсто и 28 места, создавајќи разлика од само 0,68 процентни поени, помалата маргина некогаш регистрирана меѓу двете водечки странки во историјата на словенечките парламентарни избори

Кампањата беше засенета со скандал: Блек Куб и тајните снимки

Изборот не се одвиваше во нормална политичка атмосфера. Неколку дена пред гласањето, онлајн се појавија тајно снимени видеозаписи и аудиоматеријали кои наводно прикажувале корупција во владиниот круг на Голоб.

Истрагата на словенечките медиуми покажала дека снимките биле дистрибуирани преку две клучни платформи: веб-страницата „Маске падаат” и сметките „Антикорупција2026″ на X и Телеграм. Двете биле лансирани непосредно пред објавата на снимките и поврзани со сервери надвор од Словенија, а откако медиумите почнале да ги истражуваат, веб-страницата го прекинала работењето.

Истрагата укажала на можна врска со израелската разузнавачка компанија Блек Куб. Словенечката разузнавачка агенција СОВА потврдила присуство на четири претставници на Блек Куб во земјата, но не потврдила никакви средби со политичари. Јанша прво негирал каква и да е врска со компанијата, но подоцна бил принуден да признае дека имал контакти со неа.

Голоб и неговите сојузници го оквалификувале целиот настан како обид за странска мешање, а премиерот побарал од ЕУ да спроведе истрага за наводното влијание врз изборниот процес.

Парламентот: ниту лево ниту десно нема мнозинство

По изборите, сликата во словенечкиот парламент е фрагментирана и без очигледен пат до мнозинство.

Левичарскиот блок предводен од Голоб паднал на 40 пратеника, а десничарскиот блок предводен од Јанша пораснал на 43 пратеника. На трето место се наоѓа десничарската коалиција на НСи, Словенечката народна странка и Фокус со 9,29 отсто и девет пратенички места. Социјалдемократите и Демократите освоиле по шест места, Левицата пет, а Ресница пет.

За мнозинство се потребни 46 гласови. Ресница, партија која израснала од анти-ваксерската мобилизација на социјалните мрежи за времена на пандемијата, ги изненади сите со влез во парламентот. Иако мала, оваа партија сега игра диспропорционално голема улога во коалициската аритметика, заедно со Демократите на Анже Логар.

Голоб понуди влада на национално единство. Одговорот беше „не”

Голоб по изборите избрал стратешки, државнички тон. Голоб ги поканил на консултации лидерите на сите партии избрани во новиот парламент, освен СДС на Јанша. Но неговата идеја за „широка коалиција или влада на национално единство”, конзервативниот сојуз на НСи, Народната партија и Фокус ја одбил, со изговор дека гласачите испратиле „силно не” на владата на Голоб.

На 7 април, Голоб ја објавил поделбата на министерства во предложената влада на национално единство: седум за Движењето Слобода, три за коалицијата предводена од НСи и по две за СД, Демократите и Левицата. Понудата ја отфрлила коалицијата предводена од НСи.

Јанша е поблиску до власта: говорот на парламентот го кажа сè

Вистинскиот показател за тоа кој е поблизу до формирање влада не дошол преку коалициски преговори, туку преку изборот на претседател на парламентот.

На 10 април, лидерот на Ресница Зоран Стевановиќ бил избран за претседател на парламентот откако бил номиниран од Ресница, СДС и НСи. Движењето Слобода гласало против него, додека Левицата и Социјалдемократите не гласале. Оваа математика јасно покажала кој има реален шанс да состави коалиција.

Паралелно, лидерот на Демократите Анже Логар објавил дека ги прекинува коалициските преговори со Движењето Слобода, тврдејќи дека Слободата се обидела да го „принуди на коалициски договор” и дека нејзиното однесување ги „надминало границите на нормалниот политички дијалог”.

Пирц Мусар: 46 гласови или нема мандат

Претседателката Наташа Пирц Мусар останала доследно институционална во целиот процес, но со јасна порака. Пирц Мусар веќе укажала дека ќе го додели мандатот на кандидатот кој ќе може да демонстрира поддршка од најмалку 46 пратеника, во обид да се избегнат одложувања и обновена институционална неизвесност.

Претседателката категорично одбила какво и да е сомнување во легитимноста на изборниот процес, а истовремено испратила јасна политичка порака дека не би сакала да види некого вклучен во формирање влада доколку би се докажало дека се обидел да ги влијае изборите.

Пошироката слика: Словенија помеѓу Брисел и Будимпешта

Словенечките избори не се само внатрешна работа. Контекстот е поширок и позначаен.

Владата на Голоб беше силен либерален глас во 27-членката ЕУ. Лидерот на СДС, Јанша, е популистички политичар и близок сојузник на националистичкиот унгарски премиер Виктор Орбан. Неговото враќање на власт би претставувало засилување на десничарските блокови низ Европа.

Во интервју за Политико, Голоб изјавил дека Јанша би можел да служи како клучен сојузник на Орбан во ЕУ, потенцијално помагајќи му на Будимпешта да одолее на колективниот притисок на другите земји членки.

Словенечката авторка Ана Шнабл за Гардијан напишала дека Словенија „не е осудена на демократско назадување”, но предупредила дека „разликата меѓу денес и претходните влади на Јанша е во тоа дека методите, наративите и меѓународните сојузи на илибералната политика се поконсолидирани отколку когабило”.

Исходот е отворен

Словенија денес е земја во која ниту еден политички логор не може сам да формира влада, во која скандалот со Блек Куб сè уште не е расчистен и во која претседателката бара некого кој ќе донесе 46 гласови. Математиката го фаворизира Јанша. Но Ресница, единствената партија со доволно гласови за да ги промени сметките, јавно рекла дека нема да поддржи влада со него на чело.

Сè додека тоа не се смени, ниту мандатот ниту владата не се загарантирани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни