Израел го подели делот од јужен Либан што е под негова контрола на три безбедносни зони, по неодамнешното примирје меѓу двете страни, пренесуваат израелските медиуми.
Според информациите, првата, т.н. „црвена линија“, се однесува на селата долж самата граница меѓу двете земји. Во овој појас голем дел од инфраструктурата е веќе уништен, а, според извештаите, таму повеќе нема присуство на борци на Хезболах, милитантна група поддржана од Иран.
Втората зона, наречена „жолта линија“, се протега од шест до десет километри од границата. Во неа и натаму се распоредени израелски копнени сили, а целта, како што се наведува, е спречување на ракетни напади врз северен Израел. Во овој појас сè уште се регистрираат изолирани судири, особено околу стратешки точки како градот Бинт Џбеил.
Третата зона се протега до реката Литани, на околу 30 километри од границата. Во овој дел израелската војска планира да одржува контрола преку надзорни позиции и воена сила.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно најави формирање на „засилена безбедносна зона“ во јужен Либан, која треба да служи како тампон појас за заштита на израелските населби од напади. Сепак, ваквиот потег предизвикува загриженост во Либан, каде постои страв дека привремената безбедносна мерка може да прерасне во долгорочна окупација.
Историски, Израел веќе воспостави слична безбедносна зона во јужен Либан по војната во 1982 година, од која се повлече дури во 2000 година. Аналитичарите предупредуваат дека новото распоредување може повторно да ја зголеми тензијата во регионот и да поттикне нови конфликти.