Франција го обвини Иран за сајбер-нападот што ги прегреа фрижидерите во маркетите

Хакерите од групата „Шахид Кавех“ ја покачија температурата во уредите за ладење до 50 степени, при што пропадна храна вредна милиони евра.

Француското Министерство за надворешни работи директно ја обвини Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) за минатомесечниот сајбер-напад што ги загреа ладилниците и замрзнувачите во стотици супермаркети низ државата. Дигиталната диверзија уништи свежа и замрзната храна во вредност од милиони евра. Официјален Париз го оцени инцидентот како прва масовна сајбер-саботажа на своја територија, го повика иранскиот амбасадор на протестен разговор и најави санкции на ниво на Европската Унија.

Јавната обвинителка на Париз, Лор Беко, во понеделникот соопшти дека е отворена официјална истрага против шефот на офанзивната сајбер-единица поврзана со ИРГЦ и неговите двајца заменици. Обвинителството ја идентификуваше групата под името „Шахид Кавех“, за која посочи дека дејствува во рамките на електронскиот и сајбер-центар на Иранската револуционерна гарда. Безбедносните експерти оваа формација ја дефинираат како кластер од хакери директно вработени од иранскиот режим.

Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, изјави дека нападот е без преседан по својот обем и нивото на агресија. Тој предупреди дека инцидентот претставува директен удар врз националните интереси и безбедноста на граѓаните. Француската влада му врачи остар протест на иранскиот амбасадор во Париз и порача дека ќе преземе пропорционални мерки за да одврати секој обид за повторување на ваква саботажа. Техеран сè уште не одговори на обвинувањата, а француските власти не открија преку кои технички докази ја утврдиле локацијата на напаѓачите.

Нападот во Франција погоди повеќе од 100 маркети на „Кооператив У“ (Coopérative U), како и 180 продавници од синџирот „Интермарше“ (Intermarché) и неговиот бренд „Нето“ (Netto). На удар се најдоа и големите трговци со храна „Карфур“ (Carrefour), „Монопри“ (Monoprix) и „Е.Леклер“ (E.Leclerc). Во дел од објектите, температурите во разладните витрини преку ноќ се искачиле на 50 Целзиусови степени.


Влезното место за саботажата бил софтверот на данската инженерска компанија „Данфос“ (Danfoss), кој им овозможува на трговците далечински да управуваат со уредите за ладење. По инцидентот во Франција, минатата недела нов бран хакерски напади врз фрижидери погоди десетици супермаркети во Белгија и во Луксембург, како и помал број продавници во Шведска, Ирска, Холандија, Естонија и во Финска. Засега нема потврда дали двата брана се директно поврзани. Претходно во август, мистериозни дефекти на ладилниците расипаа храна и во неколку американски воени бази, што според извори на агенцијата „Ројтерс“ исто така се истражува како намерен сајбер-напад. Иако две проруски хактивистички групи во средата презедоа одговорност за европските инциденти, безбедносните кругови ги отфрлија нивните тврдења како неверодостојни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс