Словенија планира да ги укине субвенциите за електрични автомобили

Словенија размислува за крај на субвенциите за електрични автомобили поради рекордниот интерес и оценката дека пазарот веќе е доволно зрел.

Словенија се подготвува постепено да се откаже од субвенционирањето на купувањето електрични автомобили. Министерството за инфраструктура и енергетика оценува дека големиот интерес за електрични возила покажува дека пазарот е доволно зрел и дека државните стимулации повеќе не се неопходни.

Субвенциите за купување електрични возила во земјата се доделуваат веќе 15 години, а во тој период се купени повеќе од 15.000 електрични автомобили. Само годинава, до крајот на јули, во Словенија биле регистрирани 7.554 нови електрични патнички возила.

Во последните две години за субвенции биле издвоени речиси 44 милиони евра. Од нив, 33 милиони евра се обезбедени годинава – речиси 26 милиони за физички лица и осум милиони за компании. Сепак, од расположливите средства останале само околу еден милион евра.

Од Борзен, компанијата задолжена за спроведување на програмите за поттикнување на зелената енергија и мобилност, велат дека интересот значително се зголемил.

„За помалку од два месеци од објавувањето на овој повик добивме двапати, ако не и трипати повеќе барања отколку во претходните јавни повици“, изјави Само Вершчај, експерт за е-мобилност во Борзен.

Засега не се очекуваат дополнителни средства. Државниот секретар Марко Дворник посочи дека продолжувањето на програмата би значело обезбедување нови пари од државниот буџет.

Според надлежните, зголемениот интерес не се должи само на поевтините кинески електрични автомобили. Развојот на технологијата, падот на цените и сè поголемата понуда придонесуваат електричните возила да стануваат подостапни.

Токму затоа Министерството смета дека пазарот веќе достигнал ниво на кое може да функционира и без државни стимулации. Сепак, дел од експертите предупредуваат дека укинувањето на субвенциите би можело да доведе до пад на побарувачката за електрични автомобили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс