Слобода, еднаквост, другост: еднакви права за сите!

Што значи да се биде слободен? Дали слободата е основно човеково право или е само идеал, нешто што го бараме, но не го живееме? Слобода значи прифаќање на другоста, а тоа прифаќање мора да биде безусловно. Заедниците што се бореле и продолжуваат да се борат за своите права не бараат привилегии. Тие бараат само она што треба да им е загарантирано – право на достоинствен живот, право на слобода, право на почитување и еднаквост.

Ромите, лицата со попреченост, ЛБГТИ лицата, жените од руралните средини – сите тие се борат за правото на еднаквост и за сопствената слобода. Нивната борба не е само нивна – тоа е борба за општество што не прави разлики, туку препознава дека правата на секој човек се подеднакво важни.

Но, овде владее дискриминација. Владее отфрлање и маргинализирање. За отфрлените луѓе, правото на слобода значи да бидат препознаени, да живеат достојно, и да имаат пристап до истите можности како и сите останати. Правото да се живее без страв, да се љуби и да се изрази својата различност е право што треба да биде заштитено за секого, без разлика на тоа кој е и од каде доаѓа.

Но, дали вистински ја сфаќаме важноста на оваа борба? Колку често зборуваме за правата на ЛБГТИ заедницата, која се соочува со насилство и дискриминација само поради тоа што сака да живее слободно и отворено? Колку често размислуваме за лицата со попреченост кои се борат со бариери секојдневно, или за Ромите, кои се маргинализирани во општество што ги третира како граѓани од втор ред?

Нашата сила е во прифаќањето на другоста. Слобода, прифаќање и еднаквост не се идеали што треба да ги посакуваме – тие треба да се нашата реалност. Само така ќе изградиме општество каде што сите ќе можеме да живееме без ограничувања, во кое различноста не се гледа како пречка, туку како можност за зближување и разбирање. Слобода за сите, еднаквост за сите – без исклучоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни