Во банкарска филијала во германскиот град Зинциг, во покраината Рајнска област-Пфалц, во тек е заложничка криза, а полицијата објави дека во објектот има повеќе напаѓачи и заложници, вклучувајќи го и возачот кој ги транспортирал парите.
Полицијата соопшти дека била известена за инцидентот околу 9 часот наутро и дека на местото на настанот биле испратени големи полициски сили, вклучувајќи и специјални сили, додека хеликоптери летале над градот.
Според „Билд“ и „Шпигел“ , возило за транспорт на готовина пристигнало пред филијала на банка во центарот на градот утрово, а непознат маж е осомничен дека пресретнал и ѝ се заканувал на една од вработените додека влегувала во банката.
Полицијата соопшти дека, според моменталните информации, напаѓачите и најмалку еден заложник се во трезорот на банката.
„Во моментов се претпоставува дека во банката има повеќе сторители и заложници. Еден од заложниците е возачот на транспортот на готовина“, изјави портпаролот на полицијата.
Поширока област од центарот на градот е блокирана, а полицијата апелираше до граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот.
Полицијата не ги коментираше наводите што кружат на социјалните мрежи дека некои осомничени можеби се во бегство, објаснувајќи дека од тактички причини, деталите за операцијата не се објавуваат во јавноста.
Сè уште не е познато колку луѓе има меѓу заложниците или дали напаѓачите се вооружени.