ПРВО ПА ЖЕНСКО #14 почнува со урбана утопија во Железничката зграда

Фестивалот се отвора со јавен настан што ги поврзува уметноста, музиката, кооперативните модели и градот како заедничко добро.

На 9 мај, во дворот на Железничката зграда во Скопје, ќе се одржи јавниот настан „What Kind of [Cooperative] City?“, со кој симболично ќе се разбуди киното во Железничката зграда и ќе се отвори 14. издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Настанот ќе се одржува од 11 до 16 часот, во дворот на Железничката зграда на улица „Борка Талевски“ 26, а ќе обедини уметничка интервенција во јавен простор, едукативна програма, музички настапи, детска работилница и перформативно готвење.

„What Kind of [Cooperative] City?“ се реализира како соработка меѓу ПРВО ПА ЖЕНСКО #14 и проектот „Градот како сцена: Урбани утопии“ / City as a Stage: Urban Utopias. Преку програмата, организаторите отвораат простор за критичко преиспитување на градот како заедничко добро, но и за колективно замислување на поинакви урбани модели засновани на солидарност, грижа, соработка и одржливост.

Настанот е дел од поширока иницијатива која ги истражува женските кооперативни модели и нивниот потенцијал како одговор на современите општествени и урбани предизвици. Во фокусот се прашањата како живееме заедно, кој има пристап до јавниот простор и како градот може да се планира не како простор на исклучување, туку како место на заедничко учество.

Програмата ќе започне со презентација на резултатите од работилницата „Glimpses of a Cooperative Future for a World in Distress“, реализирана од Ана Џокиќ и Марк Нилен од STEALTH.unlimited. Работилницата се одвивала како тридневен процес на заедничко истражување, мапирање и замислување кооперативни модели на живеење, работа и грижа. Во овој дел се предвидени воведни обраќања, презентација на заклучоците и отворена дискусија со публиката.

Во музичкиот дел од програмата ќе настапат Летечки Пекинезери, а публиката ќе може да слушне и DJ сет на Disco Ninja. За најмладите е предвидена детската креативна работилница „Creative Play“, по концепт на Доротеј Нешовски, која преку заедничка игра на деца и родители поттикнува размислување за јавниот простор и иднината на градот.

Дел од настанот ќе биде и перформативниот сегмент „We Lunch in Solidarity“, кој ги поврзува готвењето, заедништвото и јавниот простор, како и презентација на занаетчиско пиво од БАК Пивара.

„What Kind of [Cooperative] City?“ е дел од програмската линија RE-USE #3, која се занимава со сценографски интервенции во јавен простор како алатка за градење еколошки иднини и урбани утопии. Линијата е дел од проектот „Градот како сцена: Урбани утопии“, кој ќе се реализира од мај до ноември 2026 година во рамки на Лабораторијата за перформативни просторни практики.

Проектот се реализира во соработка со повеќе локални и меѓународни партнери, меѓу кои Гете-институт Скопје, Архитектонски факултет при УКИМ, ZK/U – Центар за уметност и урбанизам од Берлин, Floating University од Берлин и Тиииит! Инк. од Скопје, со учество на уметници и колективи од регионот и Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни