Реперот Слаткар објави дека документарниот филм за неговиот живот ќе се реализира без финансиската поддршка од Агенцијата за филм, иако проектот претходно бил одобрен од комисија. Во објава на социјалните мрежи, тој наведува дека во последните денови прочитал различни коментари и медиумски наводи, по што, како што вели, станало јасно колку лесно јавноста формира ставови врз основа на непотполни информации.
Поддршка за филм што зборува за поширока приказна
Слаткар појаснува дека не станува збор за лични средства, туку за поддршка на документарен проект и тим кој веќе две години работи на филм што, според него, ја надминува неговата лична приказна и зборува за пошироки општествени теми. Тој упати благодарност до Комисијата на Агенцијата за филм, која, како што наведува, ја препознала важноста на проектот и неговата тема.
Одлука за откажување од средствата
И покрај одобрената поддршка, Слаткар истакнува дека не сака проектот да започне со поделби или негативни реакции во јавноста, особено затоа што филмот, како што вели, е замислен како приказна за прифаќање, разбирање и поддршка. Поради тоа, донесена е одлука реализацијата да продолжи без средствата од Агенцијата за филм.
Во својата објава, тој им се заблагодарува на поддржувачите и соработниците и порачува дека „светот ќе го чуе гласот на најтивките“, најавувајќи дека премиерата на филмот ќе следи кога проектот ќе биде завршен.