Вчера во преполната сала на Паблик Рум, се одржа промоцијата на романот на Румена Бужаровска, „Тони“. Настанот привлече многу лица од културната сфера и јавниот општествен живот, а атмосферата беше исполнета со насмевки и позитивна енергија.
Небојша Гелевски сподели на својот фејсбук статус: „Фотки од промоција на првиот роман на Румена Бужаровска – Тони! Една од најдобрите промоции на книга на кои сум бил, браво Руми & Три! А книгата!??? ‘Тони’ е опасна лудница! Стварно ќе ве акне од земја. Ептен препорачувам.“
Неговите фотографии од настанот дополнително ја пренесуваат магијата на вечерта.
Румена, пак, денес напиша: „Еве како си поминавме вчера на промоцијата на Тони. Како и секогаш, Бане со сјајни фотографии (и да, насловната на романот е негов дизајн). Огромно благодарам на моите прекрасни промотори Kalia Dimitrova и Petar Andonovski, на Издавачки центар ТРИ (посебно на Бојан Саздов) и на сите мои пријатели и читатели што одвоија време да дојдат. Навистина ме трогнавте!“
Првиот роман на Румена Бужаровска ја освои публиката преку содржаен разговор помеѓу авторката и промоторите, а ликот Тони – машкиот книжевен (анти)лик создаден од остроумното женско перо – допрва ќе се изучува.Оваа промоција не само што беше успешна, туку и потврди дека македонската литература продолжува да расте и да се развива.
Фотографии: Небојша Гелевски