Нов ценовен шок на бензинските: Бензинот и дизелот од полноќ со речиси изедначена цена

Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми цените на горивата. ЕУРОСУПЕР-95 и дизелот од полноќ ќе чинат по 87,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР-98 достигнува 90 денари.

Од полноќ повторно поскапуваат горивата во Македонија, согласно најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Најголемо поскапување има кај бензините, со што нивната цена речиси целосно се изедначува со цената на дизелот.

Цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,50 денари по литар и од утре ќе се продава по 87,50 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапува за 2 денари по литар и ќе достигне цена од 90 денари за литар. Дизел горивото поскапува за 0,50 денари, па новата цена ќе изнесува 87,50 денари за литар.

Со ова, за првпат по подолг период, цената на најпродаваниот бензин ЕУРОСУПЕР-95 и дизелот ќе биде целосно изедначена и ќе изнесува по 87,50 денари за литар. Новите цени стапуваат во сила вечерва на полноќ и ќе важат до следната пресметка на РКЕ. Последните корекции на цените доаѓаат во период на нестабилности на светските нафтени пазари, кои во изминатите недели беа под влијание на геополитичките тензии на Блискиот Исток и движењата на цената на суровата нафта на светските берзи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс