Скопје во 2027 ќе пречека над 7.000 танчери од повеќе од 40 земји

Од 4 до 14 октомври следната година македонската престолнина ќе биде домаќин на IDO Светското првенство во хип-хоп и брејкинг.

Скопје повторно ќе биде домаќин на голем меѓународен танцов настан. Од 4 до 14 октомври 2027 година во македонската престолнина ќе се одржи Светското првенство на International Dance Organization (IDO) во хип-хоп и брејкинг, на кое се очекува учество на повеќе од 7.000 танчери од над 40 земји.

Настанот беше најавен денеска на прес-конференција во прес-салата на „Т Арена“ во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Во текот на единаесетте дена, Скопје треба да пречека илјадници натпреварувачи, тренери, судии, официјални делегации и посетители од повеќе континенти.

На прес-конференцијата се обратија организаторот на првенството Трајче Петковски, претставници на раководството на International Dance Organization и Данијел Апостоловски, директор на „Т Арена“. Присуствуваа и Панче Димов, претседател на Македонската асоцијација на модерни танци, Фиона Џонсон, виша потпретседателка на IDO, како и претставници на национални танцови федерации и организации од повеќе земји.

Организаторите посочија дека изборот на Скопје за домаќин е поврзан со искуството што градот и македонската танцова сцена го стекнале со организацијата на големи европски и светски натпреварувања во изминатите години.

Во рамките на најавата беше зборувано и за продлабочување на соработката со танцови организации од Соединетите Американски Држави и Полска. На настанот присуствуваа Роберт Планутис од САД и Пјотр Патлашински од Полска. Според организаторите, партнерствата треба да придонесат за поголема размена на искуства и дополнително поврзување на македонските танчери, тренери и организации со меѓународната танцова сцена.

Скопје веќе има искуство со големи IDO натпревари

Светското првенство во 2027 година доаѓа по неколку големи IDO натпревари организирани во Скопје. Во 2024 година македонската престолнина беше домаќин на голем меѓународен хип-хоп натпревар, на кој учествуваа илјадници танчери од повеќе од 30 земји.

Само неколку дена пред најавата за првенството во 2027 година, од 21 до 29 септември, во СЦ „Борис Трајковски“ се одржуваше IDO Европското првенство во балет, џез, модерн и современ танц, со речиси 3.000 натпреварувачи од европските земји.

Илјадници гости и надвор од натпреварувачката сала

Со очекувани повеќе од 7.000 учесници, првенството во 2027 година ќе донесе и голем број тренери, родители, судии, членови на делегации и други посетители. Организаторите очекуваат настанот да има ефект и врз хотелскиот и угостителскиот сектор, транспортот, туризмот и локалната економија.

За Скопје, првенството ќе биде уште еден голем меѓународен спортско-културен настан, но и можност македонската танцова сцена повторно да биде во фокусот на меѓународната публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс